„Време е да се обединиме и јасно да ја потврдиме нашата европска ориентација. Ние во Европа немаме непријатели, но мораме да ги продолжиме и да ги интензивираме реформите во државата“, рече во денешното излагање претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски.
Тој додаде дека незадоволството од недобивањето на датум за почеток на преговорите не треба да се насочува кон одредени членки на Унијата и оти е време за политичко единство.
„Убеден сум дека ако го сакаме доброто на сопствената земја, единствениот исправен пристап, имајќи ги во предвид новите околности е да бидеме уште порешителни во трансформацијата на нашето општество. Ние не треба да бидеме само формално членка во унијата, туку реално да го усвоиме системот на вредности и нивна примена во секојдневниот живот на граѓаните. Реформите во многу области, а особено функционирањето на правната држава, мора да продолжат и да се интензивираат без никакви калкулации. Справувањето со организираниот криминал и високата корупција не се само услов за интеграциите, тие се, многу повеќе, нужност за опстојувањето на еден одржлив правен поредок. Европските стандарди треба да станат домашни стандарди. Ако нашите луѓе не видат европски стандарди на живеење, само формалното членство во Унијата не му е никому потребно“, рече Пендаровски.
Тој додаде дека сега не е време за разочарување, апатија и калкулација за добивање на ситни политички поени, туку дека е време за обединување.
Претседателот нагласи дека сите досега потпишани меѓународни документи треба да продолжат да се спроведуваат, со фер пристап од сите страни.
Пендаровски изјави дека во недела е закажана лидерска средба за која од сите поканети партии добил потврден одговор за присуство.