Претседателот на државата Стево Пендаровски не се надева на сигнал, туку очекува одлука за добивање на датум за почеток на пристапните преговори на Македонија.
Ова го изјави тој во интервју за австрискиот весник „Пресе“.
Како што вели Пендаровски, Македонија го сменила името за добивање на датум, а тоа ниту една друга држава не го направила.
– Не се надеваме на сигнал, очекуваме одлука. Во текот на изминатата година и пол, испорачавме сè што треба. Ние дури и го сменивме името по историскиот договор со Грција. Ниту една друга земја-кандидат досега не го сторила тоа. Ако ЕУ рече дека процесот на приближување е заснован на перформанси, тогаш не очекуваме повеќе или помалку отколку да се мери со тоа што сме го постигнале. Мојата порака е: Дајте ни шанса и да покажеме дека сме подготвени – вели Пендаровски во интервјуто за „Пресе“.