Пенс најави дека САД ќе формираат „вселенски сили“ за „следното боиште“

Американскиот потпретседател Мајк Пенс во четвртокот го најави основањето на „вселенските сили“, што пред неколку месеци го најави претседателот Доналд Трамп за САД да доминираат во Вселената.

„Време е да се испише ново поглавје во историјата на нашите вооружени сили, за подготовка на следното боиште каде што ќе бидат повикани најдобрите и најхрабрите Американци за да спречат и да го победат новиот бран закани за нашиот народ и за нашата нација.“, изјави потпретседателот Мајк Пенс во говорот пред војници во Пентагон.

„Чукна часот да ги основаме вселенските сили на Соединетите држави“, порача Пенс.

Додаде, како што најави и претседателот Трамп во мај годинава, дека траат подготовките овие вселенски сили да станат шестиот род од вооружените сили на САД, по копнените војски, воното воздухопловство, морнарицата, маринците и крајбрежната стража.

Меѓутоа, основањето на новиот род на армијата треба да го потврди Конгресот, а Пенс рече дека овој процес ќе се одвива во етапи, така што шестиот род би бил основан до 2020 година. Побара притоа од конгресот да го одобри дополнителниот буџет од 8 милијарди долари во следните пет години.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги потврди кон средината на јуни своите намери за основање шести посебен род на американските вооружени сили, ткн „вселенски сили“ (space force) кој би требало да биде засебен од воздухопловството коешто во моментов има надлежност над Вселената.

„Со ова му наредувам на министерството за одбрана веднаш да пристапи кон основање вселенски сили како шести род на вооружените сили. Ќе имаме воздушни сили и вселенски вооружени сили, издвоени но подеднакво важни“, изјави тогаш Трамп во говорот во Белата куќа посветен на Вселената заклучувајќи ја актуелната дебата на жал на многумина кои сакаа оваа вселенска војска да биде во составот на воздухопловните сили.

Трамп уште претходно говореше дека сака основање на шестиот род на армијата, покрај копнените војски, воздухопловството, воената морнарица, поморскиот корпус и крајбрежната стража. Во американскиот Конгрес со години се води жестока расправа меѓу заговорниците на рамноправноста на новиот род војска со другите корпуси и оние коишто мислат дека би било подобро да биде приклучен на воздухопловните сили. Вселенската војска не може да биде формирана преку ноч, и Конгресот во секој случај мора да донесе посебен закон за ова прашање.

Во Конгресот во текот на дискусијата за буџетот на Пентагон беше покренато прашањето за создавање на вооружени сили специјално наменети за Вселената, но оваа идеја беше отфрлена. Против тоа истапи и министерот за одбрана Џејмс Матис и командата на воздухопловните сили. На сослушувањето на 12-ти април пред комитетот за вооружените сили на Претставничкиот дом, Матис појасни дека не сакал да „создаде во министерството за одбрана, коешто самото претставува еден гигантски бирократски апарат, уште една бирократија“.

Како што истакна тогаш Матис, тој ја разбира сета сложеноста на прашањето поврзано со можноста од создавање нов вид сили. „Имаме армија…. Дали сакаме да додадеме уште еден вид воздухопловни сили. Мораме да донесеме соодветно решение пред да насочиме средства за создавање нов вид воздухопловни сили, за регрутирање персонал, негова подготовка итн“, рече челникот на Пентагон.

„За да ја браниме Америка не е доволно само простото присуство во Вселената, мораме да завладееме со космосот. Тоа е многу важни и затоа ја во моментов му наложив на министерството за одбрана неодложно да започне процес кој ќе доведе до формирање вселенски сили“, истакна Трамп на состанокот со членовите на Националниот вселенски совет, според текстот објавен на интернет страницата на Белата куќа.

Трамп повеќепати досега ја искажуваше идејата за формирање на овие сили. Зборувајќи во март годинава пред маринците во воздухопловната база Мирамар во Калифорнија, тој истакна дека „новата национална вселенска стратегија на САД ја препознава Вселената како зона на воени дејствија, како и земјата, воздухот и морето“. „Имаме воздухопловни сили, а ќе имаме и вселенски сили“, рече тогаш Трамп.