Пенс се сретна со Трамп во заднината на повиците да го отстрани претседателот

Американскиот претседател Доналд Трамп и потпретседателот Мајк Пенс се состанаа во понеделникот вечерта и имале „добар разговор“ во време кога демократите и дел од јавноста го повикуваат Пенс да го искористи Уставот и да го отстрани од должноста претседателот, пренесоа агенцијата Reuters и телевизиската мрежа NBC News повикувајќи се на неименуван висок претствник во амерканската администрација.

Трамп и Пенс „ветија дека ќе продолжат да работат во интерес на земјата до крајот на нивните мандати“, рекол соговорникот на агенцијата.

„Тие потврдија дека оние кои го прекршија законот и упаднаа во Капитол минатата седмица не го претставуваат движењето ‘Америка над сѐ’ поддржано од 75 милиони Американци“, го цитира телевизијата својот неименуван соговорник.

Притоа во прилогот на NBC беше истакнато дека Трамп и Пенс не комуницирале од 6-ти јануари, кога поддржувачите на Трамп кои сметаат дека ноемвриските претседателски избори биле лажирани против него упаднаа во Конгресот.

Средбата која се случила во Белата куќа може да се толкува како индиректно навестување на Пенс дека нема да попушти пред барањето на Конгресот да се обиде да го отстрани Трамп од претседателската должност.

Ова е прва средба меѓу Трамп и Пенс од минатата среда, кога поддржувачите на претседателот насилно упаднаа на Капитол Хил. Според медиумските извештаи, двајцата не разговарале досега, бидејќи во време на безредијата со пет жртви Пенс со семејството беше во Конгресот, па не се икслучуваше можноста потпретседателот да одговори на повиците да го острани Трамп од должноста и да ја преземе функцијата до 20-ти јануари, кога треба да биде инаугуриран 46-то претседател на САД, Џо Бајден.

Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот имаат намера во вторник да усвојат резолуција со која се бара Пенс да покрене иницијатива за отстранување на Трамп од функцијата според 25-от амандман на Уставот, поради неспособност да ја извршува претседателската должнот. Доколку Пенс го одбе тоа, демократите уште во среда ќе ја отворат расправата за отповикување (импичмент) на Трамп.

Републиканците претходно го блокираа предлогот веднаш да се разгледува резолуцијата со кој се повикува потпретседателот на САД, Мајк Пенс, да го активира 25-от амандман од Уставот според кој со мнозинство во кабинетот на администрацијата Трамп би бил отстранет од претседателската должност како неспособен да ја извршува, а кој никогаш не бил искористен досега.

Пенс, кој до 20-ти јануари би ја извршувал должноста американски претседател, како и неговите колеги, засега не покажаа интерес за тоа, а иницијативата за импичмент сѐ уште ги нема обезбедено неопходните две третини од гласовите во Сенатот во кој до 20-ти јануари мнозинството ќе го имаат републиканците.