Пенс: Трамп ќе бара од европските сојузници да го поништат иранскиот нуклеарен договор

По иранскиот напад врз две бази со американски војници во Ирак и по американскиот напад со дрон во кој беше убиен иранскиот генерал Сулејмани, американскиот претседател Доналд Трамп ќе побара од своите сојузници да го поништат иранскиот нуклеарен договор, изјави денеска неговиот потпретседател Мајк Пенс.

Иран во 2015 година склучи нуклеарен договор со САД, Франција, Германија, Велика Британија, Русија и Кина. Договорот почна да се нарушува откако во 2018 година американскиот претседател еднострано ги повлече САД од него и повторно воведе санкции кон Иран, што тешко ја погодија економијата на оваа земја.

-Претседателот ќе ги повика нашите сојузници во следните денови да им се приклучат на САД и да се повлечат од катастрофалниот ирански нуклеарен договор и од Иран да побараат да се откаже од својата долга историја на сеење терористичко насилство, од своите нуклеарни амбиции и да се приклучи кон семејството од нации, рече Пенс во интервју за ТВ емисијата Фокс и пријатели (Fox & Friends).

Американската администрација е во судир со некои од водечките НАТО земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија и Франција откако во 2018 година Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор постигнат за време на администрацијата на Барак Обама.

Трамп повторно воведе економски санкции кон Иран по повлекувањето од договорот сметајќи дека тој договор на Техеран му дава премногу економски предности, а не прави доволно да го спречи од можно развивање на нуклеарно оружје.

Останатите пет потписници останаа приврзани кон нуклеарниот договор со кој се ограничува иранската програма за збогатување ураниум во замена за ублажување на санкциите.

Американските медиуми наведуваат дека се уште не е јасно дали другите земји ќе го напуштат нуклеарниот договор. Трамп вчера кажа дека од НАТО побарал засилено да се вклучи на Блискиот исток, но не кажа што ќе бара од земјите членки на Алијансата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.