Пентагон го зголемува бројот на припадниците на Националната гарда во Вашингтон, во Њујорк на полицијата

Министерството за одбрана на САД го зголемува бројот на припадниците на Националната гарда во округот на главниот град Колумбија, а во Њујорк градските власти значително го зголемија бројот на полициските службеници распоредни во центарот на градот во рамките воведениот полициски час поради насилните протести против полициската бруталност поради која животот во Минеаполис минатиот понеделник го загуби афроамериканецот Џорџ Флојд.

Како што пренесува агенцијата Reuters, повикувајќи се на неименуван висок функционер во Пентагон, припадници на воената полција и инженерските единции сѐ уште ја чекаат наредбата за зголемена приправност во областа на главниот град Вашингтон. Притоа, соговорникот изразил надеж дека сепак нема да дојде до нивно активирање.

Агенцијата, исто така, пренесува дека единици на Националната гарда од пет сојузни држави биле упатени во Вашингтон за поддршка на силите за одржување на редот.

Во извештајот на Reuters се истакнува дека американскиот министер за одбрана Марк Еспер, како и министерот за правда и државен обвинител Вилијам Бар, кои претходно во понеделникот имаа состанок со претседателот Доналд Трамп, ќе го следат развојот на ситуацијата во зградата на министерството за правда.

Телевизијата CNN објави дека 200 до 250 војници биле упатени во Вашингтон, кои требало да пристигнат доцна ноќта во понеделникот по локално време. Според сознанијата на телевизијата, војниците во американската престолнина биле прекумандувани од базата Форт Браг во сојузната држава Северна Каролона. Тие би требало да се ангажирани на осигурување на безбедноста на граѓаните, но не можат да апсат и приведуваат демонстранти.

Истовремено, директорот на Службата за царина и погранична контрола на САД, Марк Морган, на Twitter објави дека припадници на службата, исто така, се испратени во областа на Вашингтон за да им помагаат на агенциите за спроведување на редот и мирот.

Претходно градоначалничката на Вашингтон, Муриел Боузер, објави дека градските власти воведуваат полициски час од понеделникот вечера во 19 часот по локално време, по полноќ кон вторникот по македонско време, до 13 часот во вторник по локално време. Овој режим ќе биде на сила до средата утрото по локално време, со прекин во вторникот во истиот период. Боузер веќе воведе полициски час во неделата откако се случија низа инциденти во близина на Белата куќа.

Градоначалничката, исто така, ја активирала Националната гарда на округот Колумбија, чии единици веќе се распоредени кај Белата куќа. Весникот USA Today, повикувајќи се на високопозициониран функционер во министерството за правда, пренесе дека министерството наредило распоредување на интервентната полиција во Вашингтон, којашто е наменета за потиснување на масовни безредијата.

Истовремено медиумите јавуваат и за значително зголемување на бројот на полициските службеници во централните области на Њујорк, и воведување на полициски час. Добро опремените сили се распоредни на Јунион сквер во центарот на Менхетн. Полицајците се опремени со шлемови, за разлика од претходните денови, а има и припадници на полицијата на сојузната држава Њујорк.

Медиумите известуваат дека покрај организираните поворки на демонстранти, во Њујорк се движат и помали групи агресивно настроени млади луѓе со црни качулки, чиишто лица се прекриени со маски или марами.