Пентагон одобри испраќање на уште 3.000 војници на Блискиот исток

Американското министерство за одбрана одобрило распоредување на дополнителни 3.000 војници на Блискиот исток, пренесува во петокот агенцијата Reuters.

Според телевизијата CNN, на Блискиот исток ќе бидат транспортирани војници од една од бригадите на 82-та воздушно-десантна дивизија, од којашто претходно во регионот беа распоредени 750 војници. Оваа дивизија за брза реакција беше ставена во боева приправност веднаш по протестите пред американската амбасада во Багдад.

Според агенцијата AFP, која цитира портпарол на Пентагон, станува збор за 3.000 до 3.500 војници и таа бригада „ќе биде распоредена во Кувајт, а мерката е соодветена и превентивна како одвговор на засилената закана за американските сили и ипостројки“.

„Администрацијата на претседателот Доналд Трамп треба да му обезбеди на Конгресот информација за тоа каква стратегија спроведува на Блискиот исток“, истакнува во интервјуто за BBC, демократскиот сенатор од сојузната држава Њу Џерси, Боб Менендез, коментирајќи ги информациите за распоредувањето на американските војници.

„Испраќањето на дополнителен контингент во овој регион претставува ескалација на ситуацијата, и таков чекор не е одобрен од Конгресот. Администрацијата е обврзана да му обезбеди на Конгресот податоци за тоа на кои разузнавачки сознанија ги заснова своите решенија за испраќање трупи на Блискиот исток“, додава Менендез.

Истовремено во петокот водачот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, го критикуваше Трамп поради наредбата во Багдад да биде убиен влијателниот ирански генерал Касем Сулејмани и оцени дека овој потег може да доведе до нова „бесконечна војна“ за САД.

„Одлуката на претседателот, можеби, веќе доведе до сложена и опасна ситуација на Блискиот исток. Ризикот од многу подолги воени операции на Блискиот исток стана опиплив и неизбежен. Овие дејствија може да ја одведат нашата земја во уште една бесконечна војна, истата бесконечна војна во којашто претседателот Трамп вети дека нема да нѐ вовлече“, додаде Шумер говорејќи во Сенатот.

Водечкиот демократски сенатор истакна дека се поставуваат многу прашања во врска со политиките на администрацијата на Трамп на Блискиот исток, како и за последиците од ликвидацијата на Сулејмани.

„Според моето мислење, претседателот нема надлежноста за (водење) војна со Иран. Доколку планира значително зголемување на трупите и потенцијално долга конфронтација, тогаш администрацијата ќе треба да добие одобрување од Конгресот и од американскиот народ“, додаде сенаторот.

Од својат страна, пак, лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, изјави дека претставниците на администрацијата следната седмица ќе ги информираат сенаторите за операцијата за елиминацијата на вториот по влијанието човек во Иран, како и за следните чекори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.