Пентагон порача дека ќе „извлече поука“ од војната во Авганистан

Највисоките функционери на американски Пентагон соопштија во средата дека ќе извлечат поуки од дваесетгодишната војна во Авганистан, признавајќи дека дека чувстуваат „болка и гнев“ откако им ја предадоа земјата на талибаните против кои се бореа.

„Ниедна операција не е совршена“, призна американскиот министер за одбрана Лојд Остин во првиот јавен настап по завршувањето на хаотичната евакуација на 123.000 странски и авганистански државјани од авганистанската престолнина Кабул ноќта кон 31-ви август.

„Сакаме да ја извлечеме сета можна поука од ова искуство“, додаде Остин, поранешен генерал кој војуваше во Авганистан, откако им одаде почест на 800.000 американски војници кои од 2001 година учествуваа во авганистанската војна во којашто според официјалните податоци загинале 2.461 американски војник, од кои 13 во последните часови од повлекувањето.

Началникот на здружената команда на американската војска, генералот Марк Мили, кој исто така се бореше во Авганистан, призна дека деновите биле „емотивно извонредно тешки“. „Сите не раскинуват болка, гнев, тага и жал, од една страна и гордост и нескршливост, од друга“, додаде.

„Ќе учиме од ова искуство. А она што нѐ доведе до тоа ќе го проучуваме со години. Ние, војниците, ќе му пристапиме на тоа понизно, искрено и одговорно. Има многу тактички, оперативни и стратешки поуки кои мораме да ги извлечеме“, порача генерали Мили.

Остин призна дека војниците кои ги загубија своите соборци во Авганистан и семејствата на загинатите можеби тешко ќе го прифатата ваквиот крај на војната во којашто САД влегоа во 2001 година за талибаните да бидат соборени од власта,

„Знам дека овие денови беа тешки за многумина од нас. Од авганистанските ветерани не треба да се очекува повеќе отколку од другите Американци. Слушнав деновиве многу различни мислења. Тоа е многу важно, Тоа е демократија“, рече Остин.

Генералот Мили притоа оцени дека е „можна“ евентуална соработка со талибаните во борбата со џихадистичката групација Исламска држава во вилаетот Хорасан (IS-K), која ја презема одговорнсота за двојниот самоубиствен напад врз кабулскиот аеродром на 26-ти август, во кој загинаа околу 200 луѓе, главно авганистански цивили, но и 13 американски војници и триесеттина талибански борци.

САД извршија инвазија врз Авганистан кон крајот на 2001 година како одговор за најголемите терористички напади на американска територија од 11-ти септември истата година во кои загинаа 2.977 луѓе. Одговорноста за нападите ја презема терористичката мрежа Ал Каеда, а авганистанските талибани беа обвинети дека им пружаат заштита во Авганистан.

Меѓутоа, она што требаше да биде само операција на одмазда и казнување на талибаните и терористите, прерасна во масивна воена операција во која се приклучија и земјите во НАТО и други сојузници на САД. Двете децении војна се водеа под изговорот за наводно економски обновување на земјата, нејзина демократизација и спречување талибаните повторно да дојдат на власт, што сепак се случи на 15-ти август.

Остин изјави дека следната седмица ќе отпатува во земјите во Персискиот залив, сојузници на САД кои помагаат во евакуацијата на авганистанските бегалци.