Пентагон предупредува да не се прави обид за упад во ‘Зона 51’

Американското воено воздухопловство издаде строго предупредување за сега веќе повеќе од милион луѓе да не се обидуваат да ја остварат својата намера во септември да „упаднат“ во американската воздухопловна база во пустината Невада, попозната во јавноста како „Зона (Област) 51“, за да ги „видат вонземјаните“.

Повеќе од милион луѓе се пријавија досега на социјалните мрежи во акцијата под наслов „Јуриш на Зона 51, не можат сите да нѐ сопрат“, којашто е закажана за 20-ти септември, а уште 1.200.000 покажале „заинтересираност“ на Facebook.

Теоретичарите на заговорите долги години наназад се убедени дека американската влада држи тајни информации за вонземјаните и неидентификуваните летачки објекти (НЛО – UFO) во „Зона 51“ и дека таа се користи како место на коешто во најстрога тајност се чуваат заробените НЛО-а или остатоци од вонземски технологии. Администрациите во Вашингтон со децении ги негираат овие конспирации, но се чини недоволно убедливо.

Потенцијалните учесници се повикуваат на масовен собир пред да се упатат кон воздухоплавната база, којашто долго време е во фокусот на теориите на заговорот со вонземните култури и технологии.

Британскиот весник The Independent наведува дека „сатиричниот настан“ кој се организира на Facebook и е закажан за 20-ти септември, изгледа како шега имајќи го предвид високото ниво на безбедност и строгите безбедносни мерки на американската воздухопловната база во сојузната држава Невада, околу 180 километри од Лас Вегас.

„Можеме да се движиме побрзо од нивните куршуми. Да одиме да ги видиме тие вонземјани“, се наведува во пораата со којашто се најавува акцијата,

Меѓутоа, портпаролката на американските воздухопловни сили, Лора Мекендрјуз, остро ги предупреди потенцијалните учесници во акцијата тоа да не го прават.

„Тоа (Зона 51) е простор за обука на американските воздухопловни сили, а ние би го обесхрабриле секого да се обиде да дојде во областа во коај ги обучуваме американските вооружени сили“, вели.

Американското воено воздухопловство е подготвено во секој момент да ја брани Америка и нејзините вредности, порачува Мекендрјуз.