Засега е премногу рано детално да се зборува за можноста за постигнување на целите на Киев преку дипломатски а не воени средства, вели во интервјуто од петокот The Washington Post, шефот на американскиот Здружен генералштаб, генералот Марк Мили.
На прашањето „може ли Киев да победи“ во војната против Русија, генералот Мили истакнува дека „за Украина ова е борба за опстанок“.
„Доколку крајната цел е слободна, независна суверена Украина со интегрална територија, тоа ќе бара уште позначителни напори… Овие цели може да се постигнат со воени средства. Ќе биде потребно многу време, но овие цели може да се постигнат и преку дипломатија“, вели шефот на американските вооружени сили.
Мили притоа одбива да одговори дали се водат мировни разговори меѓу Киев и Москва.
„Нема да коментирам за идни или тековни преговори или нешто случно. Само ќе кажам дека постојата различни начини да се постигнат тие цели… И би рекол дека токму сега, веројатно е премногу рано да се зборува за тоа. Тековната контраофанзива сѐ уште не е завршена. Значи, треба да видиме како сето тоа ќе заврши, а потоа да продолжиме од таа точка“, истакнува главниот американски командант.
Мили истовремено ги коментира изјавите на американските републиканци кои ја критикуваат администрацијата на демократскиот претседател Џо Бајден за начинот на кој ја обезбедува огромната воена помош за Украина.
„Им обезбедивме (на Украина) соодветно количество во вистинско време за да можат да ги постигнат целите коишто неопходно треба да ги постигнат“, вели Мили истакнувајќи дека Киев добил „огромни количества“ воена помош од САД.