Пензиите и социјалната помош ќе растат и догодина

Пензиите и социјалната помош ќе растат и догодина. Пратениците денес во скратена постапка ги поддржаа измените и дополнувањата на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и на Законот за социјална заштита со кои се овозможува покачување  на пензиите и социјалната помош догодина.

Зголемувањето на пензиите и социјалната помош неодамна беа најавени од страна на премиерот Никола Груевски.

Континуирано зголемување на пензиите

Петте проценти покачување на пензиите се однесуваат на масата на средства кои се издвојуваат за пензиите и тие ќе бидат рамноправно поделени на сите пензионери. Покачувањето за секој пензионер поединечно ќе биде околу 650 денари.

Пратеникот Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ова покаќување, заедно со она што пензионерите ќе го добијат со исплатата на септемвриските пензии сега на 5 октомври ќе го зголеми стандардот на оваа категорија граѓани и ќе го зголемат квалитетот на нивниот живот.

Зголемувањето не е големо, рече, но е континуирано. Од 2006 година досега во просек пензиите се зголемени за над 60 проценти, рече тој, пренесува МИА.

Просечната пензија, рече тој, во 2006 година изнесувала 7.683, а сега 13.085 денари, односно е зголемена за 70,31 процент, додека во 2016 година ќе биде 13.735 или зголемена за 79,6 проценти.

Марјанчо Николов од СДСМ истакна дека неговата партија ќе даде поддршка на измените, но како што рече, мора да укаже на „проблемот со кој ќе се соочат граѓаните доколку продолжи неодговорно однесување на Владата кон состојбите во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“.

Гледаме дека секоја година дека недостигот на пари во ПИОМ од година во година станува се поголем а и подлабок. Во 2016 од Буџетот кон Фондот е планирано да се префрлат 426 милиони евра, рече тој.

Издвојување на средствата во Фондот на ПИОМ за исплата на пензии, реплицираше заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, е нормална работа, тоа се прави во сите земји вклучително и оние од ЕУ.

Додаде дека средствата кои се издвојуваат во Фондот ќе се намалуваат по завршувањето на периодот во кој државата дава субвенции за придонеси за вработување особено на млади лица, преку мерките на Владата.

Дополнително зголемување на социјалната помош

Со измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита за социјално најзагрозените граѓани, примателите на социјална и постојана парична помош, покрај тоа што оваа година помошта која ја добиваат е зголемена за 10 проценти, предвидено е ново дополнително зголемување за наредната 2016-та година од нови 5 отсто.

Во дискусијата пред донесувањето на измените на Законот за социјална заштита, пратениците од опозициските партии забележаа дека покачувањата се недоволни и оти државата повеќе издвојува средства за други намени и некорисни проекти отколку за оваа категорија граѓани. Истакнаа дека оваа категорија граѓани се злоупотребува и се користи за предизборни цели.

На ваквите тврдења реагираа пратениците од владејачките партии кои потсетија на повеќекратните покачувања на социјалната и постојаната парична помош, за субвенционирањето за енергија, за условени парични трансфери за вклучени ученици во средно образование…

Додадоа дека власта се грижи постојано за оваа категорија граѓани и оти и ова покачување е дел од она што било ветено и како ветување се наоѓа во програмата на Владата.

Собранието попладнево во прво читање го поддржа и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за стечај, и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за индустриски – зелени зони, по скратена постапка.