Грчките пензионери од денеска ќе можат да повлечат дел од пензиите

62
Грчките пензионери од денеска ќе можат да повлечат дел од пензиите

Пензионерите во Грција формираа долги редици на чекање пред околу илјада банкарски филијали низ целата земја од каде оние без картички ќе можат да повлечат 120 евра од пензиите, јави дописникот на МИА од Атина.

„Алфа банката“, „Еуробанк“ и „Националната банка на Грција“ (НБГ) синоќа соопштија дека клиентите ќе ги услужуваат по азбучен ред, додека „Пиреја банката“ информира дека клиентите ќе бидат сервисирани по ред на чекање.

Грчкото Министерство за финансии објави список на филијали кои од денеска до петок ќе бидат отворени за пензионерите. Покрај повлекувањето на 120 евра, пензионерите ќе можат да добијат и банкарски картички за да можат да вадат пари и од банкомат.

Министерството исто така побара зголемено присуство на полициски единици околу отворените банки, што беше веднаш одобрено.

Во меѓувреме, се почести се напади на луѓе кои успеале да повлечат пари од банкомат. Во Солун вчера е нападната жена на која двајца мажи и ја грабнале чантата откако се оддалечила од банкомат. Во неа таа имала 1.250 евра. Полицијата ги фатила крадците кои биле Грци на 29 и 30 годишна возраст.

Поради ваквите инциденти, зголемен е бројот на мобилни полициски моторизирани единици низ целата земја, со цел заштита на луѓето кои вадат пари од банкомати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.