Периодични прекини во сообраќајот на мостот во Катланово

Поради изведување специфични работи на мостот над реката Пчиња во Катланово денеска ќе има периодични прекини во сообраќајот, информираат од АМСМ.

Како што се наведува во соопштението, ИРД Инженеринг известува дека поради изведување на специфични работи на мостот А1-41Л (мост над реката Пчиња во Катланово) на стационажа 43+151, денеска почнувајки во 06:00 часот, ќе има периодични прекини во сообраќајот во интервали не подолги од 10 минути.

Прекините ќе се одвиваат во присуство на сообраќајната полиција, со соодветна сигнализација.

Сообраќајот, пак, на сите државни патишта се одвива по суви коловози.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.