Периодот на тажење по кралицата ќе трае три недели

Периодот на тажење на британското кралско семејство за кралицата Елизабета Втора ќе трае отсега до седмиот ден по погребот, а знамињата на кралските резиденции ќе се веат на половина копје, беше објавено денеска.

Бакингемската палата објави дека новиот крал Чарлс III по смртта на кралицата „сака периодот на жалост на кралското семејство да трае отсега до седмиот ден по погребот на кралицата“.
Топовите ќе испукаат 96 поздрави за секоја година од животот на кралицата, во Лондон, во 14 часот по средноевропско време, во Хајд парк, додаде Бакингемската палата.
Палатата не соопшти кога ќе биде погребена кралицата, но погребот најверојатно ќе се одржи 11 дена по нејзината смрт. Во соопштението се додава дека знамињата на кралските резиденции ќе останат на половина копје до утрото по периодот на жалост и дека сите резиденции ќе бидат затворени.
Пред нив може да се оставаат цвеќиња, се нагласува. Во Лондон, илјадници луѓе се собраа пред Бакингемската палата и веста за смртта на кралицата беше дочекана со шок и тишина додека знамето беше на половина копје.
Денеска новиот британски крал Чарлс III. треба да и се обрати на нацијата, а пред тоа да има средба со премиерката.
Кралицата почина вчера во нејзиниот замок Балморал на северот на Шкотска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.