Перу несреќно поразен од Данска

505

Во втората саботна средба од првото коло од Групата Ц на Светското фудбалско првенство во Русија, во којашто претходно Франција ја совлада Австралија со 2:1, Данците во Саранск со 1:0 (0:0) го совлада Перу.

Стрелец на единствениот погодок на мечот беше Јусуф Полсен во 59 минута по одличното проигрување на Кристијан Ерискен во брз противнапад.

Перу по 36 години повторно се појави на светските првенства, неговите играчи одиграа многу добро против Данска, но го платија данокот на неискуството и послабиот приод кон стратегијата. Перуанците не реализираа и пенал во судиското продолжение, како и низа шанси, а примија евтин гол од контранапад. Најдобар играч на мечот беше Каспер Шмајкл, синот на легендарниот дански голман Петер, кој со своите одбрани ги фрлаше во очај противниците.

Перуанците подобро го отворија дуелот и во 11 минута Флорес прв се закани со силен удар преку голот, а две минути подоцна шутот на Кариљо откосо го добрани Шмајкл. Данците во 36 минута останаа без Квист кој потешко ги повреди ребрата и беше изнесен на носилки од теренот, а неговата замена Шене во 39 минута го упати првиот посериозен удар за Данците, но голманот на Перу беше на место. Во 45 минута Полсен го собори Куева во својот шеснаесетник, а судијата од Гамбија дури по прегледот на ВАР досуди пенал во полза на Перу. Ударот го изведе играчот на бразилски Сао Паоло, Кристијан Куева но многу лошо високо префлрувајќи го голот.

Во 57 минута Кариљо премногу се двоумеше во ситуација кога беше сам на десет метри од данскиот гол, а Данците тоа го казнија веќе во 59 минута. Брзиот противнапад кој го повлече Ерискен го заврши Полсен пласирајќи ја топката крај немоќниот перуански голман Галезе.

Во 61 минута Шмајкл го одбрани опасниот удар на Флорес, а во 63 минута во игра влеза најдобриот стрелец на Перуанците, Паоло Гереро, кој само една минута подоцна се обиде со глава, но директно во данскиот голман, Во 69 минута Фарфан не стаса да ја уфрли топката во празната мрежа, а во 79 минута Гереро итро се обиде со петица, но ударот мина крај стативата. Во 84 минута несовладливиот Шмајкл го собра ударот на Фрафран од десет метри, а потоа на спротивната страна се истакна перуанскиот голман кој неверојатно го одбрани одличниот удар на Ериксен.

Во Групата Ц, Франција и Данска стартуваа со три бода, а Австралија и Перу иако се без бодови, не остануваат без шанси бидејќи прикажаа сигурна игра и очекуваат успеси во следните две кола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.