Пешевски: Бизнис секторот со голем интерес на проектот „Рурални развојни зони“

Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Пешевски и кандидатите за пратеници во Изборна единица 6, Горан Манојлоски, Јасминка Богданоска и Дафина Стојановска Јовановска, остварија средба со претставниците на бизнис секторот од Тетово и Гостивар.

На средбите со бизнисмените, Пешевски истакна дека во изминатите 10 години, додека ВМРО-ДПМНЕ ја водеше Владата, условите за водење на бизнис постојано се унапредуваат, што доведе до тоа Македонија да биде рангирана на 10-то место според условите за водење бизнис и на 5-то место во Европа, според извештајот “Doing Business 2017” на Светска Банка.

-Добрите бизнис услови доведоа до континуиран раст на извозот, бруто инвестициите, како и бруто домашниот производ, кој од 2006 до 2016 година е речиси двојно зголемен. Успеавме да ја намалиме невработеноста за 14%, отворени се нови 160.000 работни места, во најголем дел во домашните компании, а во исто време просечната нето плата се искачени за над 65%. Со понатамошната наша работа, која предвидува поволни даночни услови за компаниите во Македонија, поддршка за отворање на нови вработувања, како и поддршка преку субвенционирани кредити за развој на компаниите, очекуваме понатамошен развој и раст на компаниите, преку кој ќе се отворат нови 70.000 работни места, а очекуваме просечната плата по природен пат да продолжи да расте, потенцира Пешевски.

Тој посочи дека за поддршка на домашните компании, се предвидува да продолжи спроведувањето на проектот “Македонија вработува”, преку кој досега се поддржани над 22.000 вработувања во околу 13.000 домашни компании.

-Се помогна за вработување и на младите до 29 години, загрозените категории на граѓани, како и на најтешко вработливите категории на лица над 58 години. На средбите со претставниците од бизнис секторот, пројавен е голем интерес и за проектот за Рурални развојни зони.Овој проект предвидува поддршка за инвеститорите, како што нема во ниту еден друг проект во земјата, подобри и од условите од Технолошко индустриските развојни зони, нагласи Пешевски.

Пешевски појасни дека инвеститорот кој сака да отвори компанија во области дефинирани како рурални зони, кои во земјата ги има над 1600, ќе добие поддршка во вид на грант од 4000 или 2000 евра, за нови вработувања на стечајни работници или лица во евиденцијата на Агенцијата за вработување.

-Дополнителна поддршка инвеститорите би добиле и за изградба на објект или набавка на нови машини, која би изнесувала до 20% од инвестицијата, до максимални 500.000 евра. Компаниите ќе добијат и даночни и царински олеснувања, ќе се помогне изградба на инфраструктура, доколку се процени дека е исплатлива, ќе се субвенционира електричниот приклучок и други бенефиции. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ има историја на испорачување на позитивни резултати кога економијата е во прашање. Климата која ја создадовме допринесе домашните компании да растат и да се развиваат, да се намалува невработеноста, како и да растат платите на вработените. Доколку сакаме да продолжиме по патот на успехот, економски да ја развиваме Република Македонија, гласот за ВМРО-ДПМНЕ е вистински избор, заврши Пешевски.