Пешевски: Да се забрзаат постапките за трансформација на работниот однос

Институциите кои треба да го трансформираат работниот однос во неопределено време на лица кои се ангажирани кај нив подолго од три месеци врз основа на некој договор со кој земаат надоместоци треба да ја забрзаат постапката за формирање на списоците на лицата кои ги исполнуваат условите и да ги достават до Министерството за финансии, порача вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во одговор на пратеничко прашање.

Во рамки на денешната собраниска седница Пешевски даде образложение за новото законско решение со кое се решава прашањето на над 3.000 лица ангажирани со времени договори. Тој посочи дека Законот предвидува етапно вработување на овие лица, со тоа што за првите 35 проценти, односно за оние кои најдолго го имале овој статус веќе тече рокот. Втората група ќе биде опфатена на 1 октомври 2014 година и последната на почетокот на 2016 година.

–  Овој закон решава горливо прашање на голем број луѓе и на голем број семејства, бидејќи за приближно над 3.000 луѓе нешто што било прашање и недефинирана сосотојба и која траела со години, а некаде и над 10, едноставно ќе се стекнат со сигурност и ќе може да ја планираат својата иднина, истакна Пешевски.

Тој додаде дека придобивката за нив е што ќе почувствуваат поголема сигурност и материјална благосотојба, но оти има и бенефит за системот бидејќи тие ќе бидат помотивирани за работа и поодготовно ќе ги завршуваат задачите.

Според законот, сите оние кои заклучно со 30 ноември 2014 година имале непрекинат договор за авторски договор, договор на дело или некаков друг договор со кој се примаат надоместоци од најмалку три месеци од страна на институцијата каде лицето работи има обврска тој договор да го трансформира во траен работен однос.

Во врска со формирањето на Фондот за иновации и поддршката на проекти од него, вицепремиерот Владимир Пешевски рече дека е објавен повик за проекти за мали и средни претпријатија за кофинансирање грантови за иноваци до 30.000 евра. Посочи дека комисија со надворешни експерти ќе одлучува за одобрување на проектите.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески информираше за проектите во патната и железничката инфраструктура при што посочи дека на автопатската делница Кичево-Охрид е почната и оти е завршено 25 проценти од пробивањето на трасата и дека се прават подготовки за пробивање на тунелите и почеток на изградба на мостовите.

За автопатот Гостивар-Кичево рече дека треба да се распише повик за јавно-приватно партнерство, а за делницата од Скопје-Блаце се работи на утврдување на сценарио, а потоа ќе се подготвува документацијата.

Седницата за поставување пратенички прашања ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.