Пешевски: Македонија инвестициска дестинација за германските компании

Вицепремиерот Пешевски ќе им повеќе средби со локалните власти

Најголемите работодавачи кои отвараа нови работни места во изминатиот период доаѓаат токму од Германија. Затоа го ставаме акцентот на овој регион, бидејќи сметаме дека постојат уште голем број компании од повеќе индустрии, не само од автомобилската, кои би можеле да ја препознаат Македонија како нова инвестициска дестинација, истакна вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски по бизнис форумот во Минхен.

Притоа, како германски компании со неколку илјади нови работни места во Македонија, јави известувачот на МИА, ги посочи Кромберг и Шуберт, Дреклсер Маер и Маркарт, последната инвестиција од овој регион.

„Сметаме дека сега е вистинско време кога веќе неколку компании покажале дека Македонија е местото каде што може да се инвестира, дополнително да го засилиме притисокот и активноста и тоа да резултира со нови инвестиции и конечно со отворање нови работни места во Република Македонија“, порача Пешевски од Минхен.

Тој рече дека не случајно овој германски град е избран за презентирање на македонската инвестициска клима на бизнис форум, бидејќи Баварија е еден од индустриски најразвиените делови на Германија и регион кој изобилува со огромен број индустриски компании кои, како што истакна, би можеле да ја препознаат Македонија како инвестициска дестинација.

Можностите за инвестирање во Македонија ги препозна и искористи фирмата „Комфи Ангел“, која работи во Прилеп. Произведува постелнини од различни материјали, перници, јоргани, прекривки, заштитници за јоги душеци, вреќи за спиење, завеси, како и водоотпорни, антиалерски и огноотпорни материјали.

Џени Мокоси од „Комфи Ангел“ на бизнис форумот во Минхен истакна дека планираат да го прошират бизнисот во Македонија.

„До скоро ја снабдувавме само Британија. Како што почна да расте продажбата кон европските потрошувачи, побарувачката се зголемува, се прошируваме во Прилеп, инвестираме во нови машини, вработуваме нови луѓе и чувствуваме дека можностите со операциите во Прилеп се бесконечни. Во следните пет до 10 години ќе се развие во голем и силен бизнис“, изјави Мокоси која посочи дека Македонија не е мала земја во Источна Европа, туку дека станува дел од големото европско семејство.

Бизнисменот Франк Фолк ги потенцираше добрите услови што ги нуди македонската Влада и поддршката што ја дава на странските инвеститори.

„Се зборуваше многу за ниските трошоци и ниските даноци, но кога ја посетив Македонија и кога зборував со бизнисмените таму најимпресивно беше за мене како функционира Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и официјалните лица во Владата кои се грижат за компаниите кои доаѓаат во Македонија. Тие не велат еве дојдете во Македонија овде нема да плаќате даноци и со среќа, туку тие најискрено даваат поддршка и помош и се целосно флексибилни и целосно се небирократски во решавањето на проблемите“, изјави Фолк.