Пешевски: Владатс има капацитет и за најсложени проекти

Македонската Влада постојано, најголем дел од вниманието посветува на економијата. Во сите сектори, функциите на државата, се базираат на добра економска политика. Мора да има инвестиции во системот, правилно и одмерено собирање на даноци. Ова го истакна вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, на денешната трибина отворена за сите граѓани во Гевгелија, пренесува „Курир“.

„Пристапот на ВМРО-ДПМНЕ е интегрален. Ако спроведувате политики за да дадат резултати, мора во сите области да бидат доволно одмерени. Добро водење на државата е избалансиран пристап на сите сегменти. Затоа, секој министер ќе каже дека во неговиот сектор сме силно фокусирани, навистина сме фокусирани во сите сегменти. Фундаментот за една држава да работи правилно е да има макроекономска стабилност- инфлацијата да е под контрола, да имате стабилен курс на локалната валута, а ние тоа го имаме“, рече вицепремиерот.

Пешевски додаде дека Македонија задржа стабилност во ова поле и за време на светска економска криза. За да земете поголема плата и да се вработат повеќе лица, објасни, мора да е задржан фундаментот.

„И ние можевме да се задолжиме повеќе од што треба, како другите земји. Ние бевме свесни дека мора да создадеме добра основа, за да можат инвеститорите да отвораат работни места и да имаме висок стандард.За Македонија сите кажуваат дека сме задржале низок степен на задолженост, тоа значи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ се однесува максимално одговорно. Потребно е и да се создаде поволна бизнис клима.Тука ние направивме најсериозен исчекор. Светската банка ја рангираше Македонија на 25-тото место, што е најдобро во регионот и подобро од две третини од земјите во ЕУ. За тоа требаа многу реформи“, рече Пешевски.

Кај нас фирма се регистрира за еден ден, а во Германија за многу месеци.

Пешевски на оваа трибина говореше за низата реформи спроведени од Владата, во Катастарот, Централниот регистар, УЈП и царинската управа.

„Огромен број на подобрувања се потребни да се стигне до добри економски резултати. Да имаше лесно решение како да дојдеме до раст на економијата и до намалена невработеност, тоа сите ќе го знаеа. Треба чесно да се поставите и да направите еднаков систем за сите, резултатите така ќе дојдат. Потребно е време. Порано во Македонија имаше високи даноци, а приходите се криеа. СДСМ правеше на некој близок мала корист, но во системот правеше штета. Тие предлагаат да се враќа ДДВ-то, така не се гради систем. Македонија денес има еден од најниските даночни давачки во светот. Тоа го велат високи светски институции, не ние“, вели Пешевски.

Од 2006-та даноците се намалени за граѓаните да купуваат поевтини производи. Тој потсети дека преку 1000 производи од категоријата 18 отсто беа префрлени на 5 отсто данок да се плаќа за нив.

Имаме најниска стапка на ДДВ во Европа, рече Пешевски и додаде дека во кризата, сите ги зголемија даноците, а нашите беа намалени кај голем број на категории на производи.

„Ако немате добра инфраструктура нема да се привлечат инвеститорите. Нема да стигнат со робата до каде што треба. Инвестициите во инфраструктурата изминативе 6 години, не можат да се споредат со ниту еден период порано. Прво, новите аеродроми се првото место каде се добива впечаток за државата. Меѓународни експерти ни велеа дека тоа е комплицирана работа и никоја држава не успеала во тоа. Ние не ги послушавме. Оваа Влада има капацитет и за најсложени проекти. Успеавме, без државата да вложи пари. Направивме најсложен правен документ и испреговаравме договор. Минатата година, скопскиот аеродром беше прогласен за најдобар“, потсети Пешевски.

Вицепремиерот говореше за една тема која многу значи за гевгеличани, завршена е и работата да почне проектот Демир Капија-Смоквица.

„Таа делница е најтешка, најскапа, најкомплицирана за градење, па затоа ја оставивме за последна. Минатите влади бегаа од овој проект. Нас ни паднаа за решавање тешки проекти. Во тоа се разликуваме од другите. Работевме, ги обезбедивме средствата. Ќе почне и градба на Миладиновци-Свети Николе-Штип, како и автопат Кичево-Охрид. Најдовме начин, потпишавме договори“, додаде Пешевски.

Тој говореше и за грантовите кои општините ги добија за да го решат комуналното прашање, откако Владата се задолжи. Овие грантови, рече Пешевски, не ги искористија само Охрид и Куманово, каде тогаш имаше градоначалници од СДСМ. Владата им даде пари да направат проект, без да треба да ги вратат, но таму ништо не се сработило.

За него најсилна потврда за одличните услови за водење на бизнис е кога компаниите се одлучуваат да реинвестираат. Она од што инвеститорите исто така биле изненадени е тоа што во секое време можат да стапат во контакт со високи функционери во Македонија.

На трибината присуствуваа министри и директори, но и голем број на граѓани. По говорите на функционерите, граѓаните можат да поставуваат прашања во повеќе области, на кои ќе добијат одговори.