Песков: До средба Путин-Бајден може да дојде ако САД имаат желба да ги слушнат нашите грижи

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска изјави дека платформата за разговорот меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Џозеф Бајден би можела да биде желбата на САД да ја слушнат загриженоста на Русија за одредени прашања, вклучително и за безбедноста.

Разговорите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Џо Бајден би можеле да се одржат доколку САД се подготвени да ја слушнат руската загриженост и да се вратат на разговорите за безбедносните гаранции, изјави портпаролот Песков во интервју за ТВ каналот „Расија-1“ во емисијата „Москва“. Кремљ. Путин.“, се вели во извадок објавен денеска на каналот Телеграм.

„Значи, платформата за разговорот би можела да биде желбата на Соединетите Држави да ја слушнат нашата загриженост, односно желбата на САД да се вратат во состојбата декември-јануари и да си кажат ‘она што го нудат Русите можеби не ни одговара на сите нас, но можеби вреди да седнеме на преговарачка маса’. Тука мислам на нацрт-документите што беа испратени до Брисел и Вашингтон“, рече Песков.

Во периодот декември-јануари Русија побара од САД и НАТО безбедносни гаранции според кои НАТО нема да се шири на истокот на Европа.

Претходно во октомври Путин рече дека во моментов не гледа потреба од разговори со Бајден и додаде дека „сѐ уште нема платформа за какви било преговори“, вели ТАСС.