Песков: Горбачов „извонреден“ политичар

Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, говорејќи денеска во Москва рече дека Михаил Горбачов, последниот лидер на Советскиот Сојуз „кој почина доцна синоќа на 91-годишна возраст, засекогаш ќе биде запаметен и дома и во странство по неговата државничка способност. „Многумина се расправаат за улогата што ја одигра во историјата, но јасно е дека тој беше извонредна, уникатна личност“, рече Песков, додавајќи дека смртта на советскиот лидер кој стави крај на Студената војна е „вистинска загуба за сите нас“.

„Горбачов даде импулс за крајот на Студената војна и тој искрено сакаше да верува дека таа ќе заврши по што ќе следи постојан романтичен период на врски меѓу новиот Советски Сојуз и колективниот Запад. Тој романтизам не беше вистинит. Не дојде романтичен период или меден месец“, додаде Песков, обвинувајќи го Западот за неуспехот да ја продолжи врската. Песков додаде дека претседателот Владимир Путин испратил „телеграма со сочувство до роднините и најблиските на Михаил Горбачов“. Путин допрва треба јавно да зборува за смртта на Горбачов.