Песков: Кремљ го разбира невидениот притисок на Западот врз Србија

Кремљ сфаќа дека раководството на Србија е под невиден притисок од Западот и ја цени позицијата на претседателот Александар Вучиќ, надевајќи се на натамошно подобрување на односите меѓу двете земји, изјави во петокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков на редовниот дневен брифинг за новинарите.

Песков за новинарите ја коментираше вчерашната најава на српскиот претседател дека Белград најверојатно ќе мора да воведе санкции кон Русија.

„Србија можеби ќе треба да воведе санкции кон Русија“, им рече Вучиќ на пратениците во српскиот парламент во четвртокот за време на дебатата за косовското прашање, додавајќи дека не е ентузијаст за тоа но дека Белград веќе ја плаќа цената затоа што претходно не го сторил тоа.

„Не сум ентузијаст за тоа, но не знам колку долго ќе издржиме ако не воведеме санкции. Ние ја плаќаме цената што не ги воведовме, но тоа е прашање на политичка определба на нашето раководство“, рече Вучиќ во парламентот.

„Ние многу го цениме овој став на српското раководство и се надеваме дека нашите билатерални односи ќе продолжат со нивниот нагорен развој“, рече Песков, според извештајот на агенцијата ТАСС.

„Целосно го разбираме невидениот притисок на колективниот Запад врз српското раководство и трошоците и напорите што му беа потребни на српското раководство за да го издржи овој притисок до денес“, ја цитира агенцијата ТАСС изјава на портпаролот на Кремљ.

Песков истакна дека Русија ги негува односите со Србија и дека, како што рече, тие имаат „длабоки историски корени, имаат исклучително значајна сегашност и убедени сме дека имаат голема перспектива за иднината“.

Агенцијата ТАСС потсетува дека Вучиќ претходно во парламентот изјави дека поради принципиелно отфрлање на политиката на антируски санкции, Србија останала без сојузници на Запад алудирајќи на притисоците токму во врска Белград самиот да го ја признае независноста на поранешната српска јужна покраина Косово и Метохија каде албанските власти со поддршка на Западот во 2008 година еднострано и без никакво изјаснување на граѓаните прогласи независност.

Покрај тоа, тој рече дека, иако не е ентузијаст за изгледите за воведување ограничувања против Русија, Белград во одреден момент ќе мора да воведе санкции поради ситуацијата во Украина.

Српскиот лидер истакна и дека неговата земја е способна објективно да ги оцени настаните во Украина, бидејќи се воздржува од етикетирање на спротивставените страни, наведува руската агенција ТААС.