Песков предупреди дека западните тенкови „ќе горат“ во Украина

Кремљ во понеделникот ги отфрли обвинувањата за одговорноста за загинувањето на 36 цивили во источниот украинскиот град Днипро, и му порача на Западот дека „ќе горат“ тенковите кои планира да ѝ ги испорача на Украина, како и дека новото напредно оружје нема да го промени текот на војната.

Велика Британија објави во саботата дека ќе испрати во Украина 14 тенкови „ Challenger 2“ и друга напредна артилериска опрема следните седмици. Врз Германија се прави притисок да испорача тешки борбени тенкови од моделот „Leopard 2“, но производителот во неделата порача дека тоа може да се случи, во обемот кој го бара Киев, дури во 2024 година.

Во понеделникот германскиот канцелар Олаф Шолц повторно се најде под притисок да го одобри испраќањето на тенковите. Се бара тенковите да ги испорача Германија којашто ги произведува, или други земји коишто ги поседуваат.

„Тие ја користат оваа земја (Украина) како инструмент за остварување на своите антируски цели. Тие тенкови горат и ќе горат како и другите“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на странските новинари на прашање за британските тенкови.

Песков порача и дека новите пратки оружје од Велика Британија, Полска и другите земји од НАТО нема да ја промени ситуацијата на теренот.

 

Нападот на Днипро

Песков, исто така, рече дека руските сили не ги целеле станбените згади во ракетните напади во Украина, туку врз камуфлирани или откриени воени цели, како и оти како и во претходни случаи се работи за делови од проектили на противвоздушната украинска одбрана или за делови од пресретнати руски ракети. Според последните тврдења на Киев, два дена откако руски проектил погодил станбен комплекс во Днипро (Днепропетровск, на руски), загинале 36 луѓе а по уште десетици сѐ уште се трага .

Речиси 48 часа по саботниот напад, командантот на украинската национална полиција Игор Клименко објави дека досега се извлечени 36 тел од кои две деца, а ранети се 75 лица од кои 15 деца, а дека досега 39 луѓе се спасени. Днипро, со околу милиони жители е клучна база за украинските сили во нападите кон Донабас.

„Самите ги видовте заклучоците на некои од претставниците на украинската страна, кои рекоа дека оваа трагедија е резултат на дејството на противракетите на противвоздушната одбрана“, рече портпаролот на Кремљ.

По мноштвото изјави изминатите два дена, во понеделникот објавија дека станбениот комплекс бил погоден со руски проектил „Кх-22“, а Киев сега тврди дека не располага со противвоздушни системи да ги собори ваквите видови проектили иако во минатото соопштуваше дека биле соборувани до 90 отсто од истреланите руски ракети.

 

Нема ривалство со „Вагнер“

Песков во понеделникот ги коментираше и написите во западните медиуми за наводно ривалство меѓу регуларните единици на руската војска и борците а приватната воена компанија „Вагнер“, повикувајќи се на критиките од нејзиниот основач Евгениј Пригожин за некои одлуки на руската команда.

„Ривалство меѓу Министерството за одбрана и борците на ‘Вагнер’ постои само во информативниот простор“, одговорил Песков за Reuters.

Министерството за одбрана во петокот, два дена откако тоа го објави Пригожин, објави дека стратешкиот рударски град Соледар во Доњецк е под руска контрола. Официјален Киев го негира тоа, но во неделата вечерта на социјалните мрежи се појавија некои објави на украински војници кои тврдат дека од Соледар се повлекле кон десет километри оддалечениот утврден град Бахмут.