Песков: Средбата на Путин и Трамп можна, ако ја сакаат двете страни

Средбата на претседателите на Руската Федерација и на Соединетите Американски Држави, Владимир Путин и Доналд Трамп, може да се планира само доколку за тоа се расположени двете страни, но отсуството на таква средба доведува до тензии, изјави ноќта кон саботата портпаролот на рускиот челник, Дмитриј Песков.

„Средбата со Трамп може да се планира доколку ја сакаат двете страни. Невозможно е да се планира само од едната Страна“, изјавил Песков за новинарите на маргините од самитот Г20 кој започна во Буенос Аирес. Спред него, колку повеќе за итните прашања меѓу двете земји не се разговара, толку поголема ќе биде напнатоста.

Претходно Песков изјави дека Путин и Трамп накратко се поздравиле меѓусебно на самитот Г20, но оти притоа немало можност да разговараат.

Трамп тргнувајќи на летот кон аргентинската престолнина ненадејно го откажа предвидениот состанок со Путин. Причината прецизно не е соопштена, но портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс рече дека тоа не е ткн „руската истрага“ на специјалниот обвинител за Роберт Мјулер за наводното руско мешање во американските претседателските избори во 2016 година, неименувани извори од админситрацијата велат дека одлуката е донесена поради руско-украинскиот поморски инцидент во Црното Море кога минатата недела беа запленети три воени брода на Украина.

Од своја страна, советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков изјави дека засега е тешко да се претпостави кога може да се одржи средба меѓу Путин и Трамп.

„Не гледам наскоро, во претстојните месеци, меѓународен форум на кој би можеле да се сретнат и да одржат целосен состанок. Можеби ќе има можност за засебен контакт, не знам“, рекол.

Ушаков притоа истакнал дека иницијативата за одржување средба меѓу Путин и Трамп треба да произлезе од Вашингтон.

„Нормално, ова беше нивна иницијатива и пред тоа. И париската средба ја договоривме на нивна иницијатива, а ја одложивме потоа по барање на Франција, и се договориме да одржиме размена на мислења во Буенос Аирес точно по иницијатива на Американците“, истакнал Ушаков одговарајќи на прашање дали сега треба новата средба да биде иницирана од американската страна.