Песков: Украина може да го запре страдањето на цивилите

Киев ги има сите можности за решавање на ситуацијата со воздушните удари врз украинската енергетска инфраструктура и да го прекине страдањето на цивилното население, доколку се согласи со предлозите за постигнување мир кои ги предлага Москва, изјави во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Украинското водство ја има секоја можност да ја врати во нормала ситуацијата (со руските воздушни удари врз украинските енергетски објекти)… така што ќе ги исполни барањата на руската страна и, соодветно, ќе престанат сите страдања на локалното цивилно население“, изјавил Песков цитиран од медиумите чии новинари во четвртокот биле на редовниот брифинг во Кремљ.

Песков на прашањето на новинарите дали Русија е загрижена поради последиците од нападите врз цивилното население или енергетската инфраструктура, одговорил дека руските сили ги гаѓаат „единствено целите кои имаат воено а не општествено значење“.

Руското министерство за одбрана повторно во четвртокот негираше дека ја нападнала украинската престолнина Киев, повторувајќи дека оштетувањата на цивилните објекти ги предизвикуваат украинските и западните противвоздушни проектили истрелани од системите коишто украинската војска ги распоредува во населените места.

„Никаков ракетен напад не е изведен врз Киев. Целата штета на градот му е нанесена од падот на странските и украинските проектили на противвоздушната одбрана кои се инсталирани во станбените населби на Киев“, изјави портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-полковникот Игор Конашенков.

Украинската страна објави дека десет лица загинале во средата во рускиот баражен оган врз повеќе градови во Украина, принудувајќи ги властите да ги затворат нуклеарните централи и да го прекинат снабдувањето со струја и вода во многу населби.