Песните на Цако стигнаа во Бања Лука

Денеска во конгресната сала на Административниот центар на Владата на Р. Српска, се одржа тркалезна маса на тема „Здравје и образование – успех и еднаквост за сите” на која своите две збирки ги претстави Александар Матовски- Цако.

Цако е момче со Даунов Синдром, но тоа не го спречи своите мисли да ги преточи во две збирки „Бисери“ и „Шарен свет“ и да докаже дека со многу работа, љубов и поддршка од семејството можат да се преминат сите пречки.

“Беше тоа неповторливо искуство и навистина уживав. Запознав многу нови пријатели, родители и лица со Даунов синдром, Министерката ѕа семејство, младина и спорт, Нада Тешановиќ, Зорица, директорката на Центарот „Заштити ме“ во кој се образуваат во основно и средно образование деца со посебни потреби, каде има интернат во кој бевме сместени. Секако бев и со нашите домаќини Жељка Перишиќ и нејзините деца, Слободан и деветгодишната Милица која, како и јас, има Даунов синдром и е едно исклучително умно и мило дете. Ми беше задоволство да сум дел од еден ваков настан“, изјави Цако по промоцијата на неговите збирки, не криејќи го задоволството од својот успех и труд. Тој додаде дека во рамки на тркалезната маса говореле и неговите родители кои зборувале за нивнто лично искуство во поглед на неговиот развој. Ова е прва промоција на неговите збирки надвор од Македонија.

Цако е момче кое е родено со Даунов синдром во 1991 година. Ваквата состојба воопшто не ги поколеба неговите родители Зоран и Снежана константно да вложуваат и да работат со него. Покрај родителите, неговата постара сестра Марија и помалиот брат Бојан претставуваат огромна потпора во развојот на ова момче. Поддршката од страна на сите роднини, пријатели, професионалци кои работат на ова поле, како и постојаната вклученост во редовниот образовен процес (градинка „Росица“-Скопје, ОУ „Димо Хаџи Димов“-Скопје, средното училиште „Кочо Рацин“-Скопје и моментално Педагошкиот факултет „Климент Охридски“-Скопје) навистина направија од Цако херој на нашето време.

Покрај многуте дарби, она што го прави Цако посебен е неговата склоност кон пишувањето поезија. Потресен од смртта на својот дедо, Цако почнува чувствата да ги изразува на лист хартија. Понатаму, почнува да твори за се она што го опкружува, за сите негови, желби, перцепции, па дури и стравови. Така се раѓаат неговите две збирки поезија „Бисери“ и „Шарен свет“.