Пет години од настаните во кумановско Диво насеље

Во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово, денеска се одржа панихида за осумтте загинати припадници на полицијата кои учествуваа во вооружената престрелка со голема милитантна групација составена главно од косовски Албанци во кумановско „Диво Насеље“ што се случија на 9 и 10 мај во 2015-та година.

Панихидата ја организираше група бранители од Куманово, а присуствуваше и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

-Група бранители секоја година организира панихида по повод загинувањето на нашите браќа бранители во 2015 во настаните во Диво Насеље. На овој начин се обидуваме да не паднат во заборав, народот да ги запомни нивните жртви, да знаат зошто загинаа, да им кажуваат на нивните деца и внуци дека за Македонија секогаш има спремни јунаци кои ќе го дадат најмилото-животот, изјави Предраг Петрушевски-Бинго од група бранители.

Во престрелките животот го загубија Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ кои посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“, а 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.