Пет кривични за прекршувањето на полицискиот час во Сингелиќ

За непочитување на полицискиот час вчера во Сингелиќ, МВР поднесе пет кривични пријави. Во Основното јавно обвинителство се доставени три пријави за тројца граѓани кои вчера 21:20 се сликале на улица за време на полицискиот час.

Министерот Наќе Чулев излезе со детали и рече дека биле осум лица кои не го почитувале полицискиот час, а петмина од нив избегале додека пристигнала полициската патрола. Еден од приведените е советник на СДСМ во Гази Баба. Чулев рече дека имаше обиди преку политички влијанија да се попречи работата на полицијата. Тој рече дека не е применета физичка сила при испрашувањето.

МВР поднесе и две кривични пријави за поттикнување на непочитување на полицискиот час. Министерот Чулев рече дека полицијата ќе постапи исто за сите што не го почитуваат полицискиот час. И тие што протестираа, според министерот, ќе бидат казнети според член 206 од Кривичниот закон.

Вчера на терен излезе и градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски кој им вети на насобраните граѓани дека самиот ќе се ангажира приведените да се ослободат. Од МВР рекоа дека тој како претседател на општинскиот кризен штаб не го прекршил протоколот на мерките, туку имал политичко влијани врз работата на полицијата.

Во последните 24 часа на целата територија на земјава 98 лица не го почитувале полицискиот час. Полицијата привела 67 од нив, 17 други биле опоменати, а за другите, според МВР, ќе следуваат казни.