Пет милиони евра за МСП од ЕБОР преку Прокредит банка

Пет милиони евра за поддршка на конкуреноста на Западен Балкан од ЕБОР се достапни за малите и средни претпријатија во земјава преку Прокредит банка.

Средствата се наменети за среднорочно и долгорочни финансирање на малите и средни претпријатија за да им помогне да се усогласат со стандардите и условите за работење на ЕУ.

Кредитот на ЕБОР е поддржан со 0,75 милиони евра грант од ЕУ, одобрен од Инструментот за предпристапна помош (ИПА). Најмалку 60 отсто од средствата на ЕБОР ќе бидат искористени за финансирање на заштеди на енергија и ресурси, како и поврзаните трошоци.

Програмата за МСП за поддршка на конкурентноста на Западен Балкан се стреми кон обезбедување барем 30 милиони евра кредит за македонските комерцијални банки во наредниве неколку години, каде ЕУ ќе донира уште 6 милиони евра.

ПроКредит банка е четврта банка што се вклучува во програмата. Во 2018 година финансиски пакети од оваа програма беа одобрени на Шпаркасе банка Македонија, Охридска банка и Комерцијална банка АД Скопје.

Моменталната програма е надградба на претходно распределните 20 милиони евра за поддршка на програмата за конкурентност, кои беа пласирани од 2010 до 2015 година. Поддршката на ЕУ во овој период беше четири милиони евра.

ЕБОР во македонската економија од 1993 година до денес има потпишано 120 проекти, со нето кумулативен деловен опсег над 1,9 милијарди евра.