Пет нови интернационални награди за „Тиквеш“ и „Домен Лепово“

Вината на Винарската визба „Тиквеш“ и „Домен Лепово“ освоија пет високи награди на меѓународни специјализирани вински натпревари кои се одржаа во текот на месец јули во Италија и Словенија.

На винскиот натпревар „MONDIAL DES VINS EXTREMES“ кој се одржа во Италија, Винарската визба „Тиквеш“ беше наградена со две златни медали за своите врвни вина, „Барово (црвено)“ од бербата 2015-та и „Барово (бело)“ од бербата 2017-та. Овој вински натпревар важи за единствен интернационален натпревар на кој се избираат најдобрите вина од грозје одгледувано во специфични природни услови, како што се голема надморска височина, исклучително стрмен терен и други карактеристики.

Меѓудругото, цел на натпреварот е промовирање и заштита на вина од лозарски области кои имаат своја дистинктивна историја, традиција и уникатност, како и култивирањето локални сорти на лозови насади. Ова е уште една потврда дека Барово е локација со исклучителни услови за одгледување грозје, уникатна во светски рамки и со огромен потенцијал за создавање неповторливи автентични вина.

На словенечкиот меѓународен саем за вино „Вино Словенија“ кој се одржа во Горна Радгона, црвеното вино „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ се закити со шампионска титула во својата категорија. На истиот натпревар златен медал освои црвеното „тероар“ вино „Барово 2015“ на Винарската визба „Тиквеш“, а сребрен медал беше доделен на црвеното вино „Бела Вода 2015“.

Освоените награди на меѓународни вински натпревари се резултат на конзистентниот и висок квалитет на вината на „Тиквеш“ и „Домен Лепово“, кои придонесуваат за сѐ поголемо зацврстување на репутацијата на интернационалниот пазар, како на самите вински брендови, така и на Македонија како земја во која се произведува вино со висок квалитет.