Петанесетмина вработени во ГОБ „8 Септември“ заразени со коронавирусот, двајца се доктори

Расте бројот на заразени медицински лица во ГОБ „8 Септември“. Кај вкупно 15 вработени од болницата е потврден вирусот. Меѓу заразените двајца се доктори. Останатите се медицински сестри болничари и останат персонал. Тројца од вработените кај кои што е потврден вирусот се задржани на болничко лекување.

По потврдата на вирусот кај дел од вработените, на испомош во болницата дојдоа двајца анестезиолози и 5 сестри од Клиничкиот центар. Кај персоналот се чувствува замор, а начинот на функционирање на болницата е пред сериозен предизвик, особено ако има зголемување на бројот на заразени и во следните денови.

Директорот Костов тврди дека засега нема опасност од затворање на оддели, но потврдува дека медицинскиот кадар е веќе исцрпен од работа.

„Ако има зголемување на бројката на заболени, ќе дојде испомош, за да одмориме некој од нашиот медицински кадар, кој што веќе три месеци е нон-стоп на работа. Единствено што има опасност е од преумор на медицинскиот кадар. Сметам дека треба да се ротираат, да има одмор за оние кои што нон-стоп биле на работа за да можеме да се справиме со оваа криза, која што сметам дека би требало во догледно време да се смири“ – рече за ТВ 24 д-р Христијан Костов – директор на „8 Септември“.

Само во изминативе 24 часа во болницата се примени 10 пациенти и сите морале да останат на болничко лекување поради сериозноста на симптомите. Во моментов 42 пациенти се лекуваат во болницата.

Ова е одделот за интензивна нега, каде што осум пациенти се ставени на респиратор. Со потешки симптоми на болеста се уште 7 пациенти.

„Ќе им препорачам на сите гледачи дека вирусот постои и треба да се плашиме од него, затоа што клиниччката слика може да биде влошена за 2 дена. Може пациентот да биде сосема добар и за два дена да дојде до момент за потреба од респиратор. Вирусот дава таква клинички слики што го разорува целиот организам и јас би препорачал граѓаните да се држат цврсто до препораките од министерството за здравство“ – смета Костов.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје кои се однесуваат на состојбата со Ковид 19 во земјава до 6-ти јуни, регистрирани се вкупно 322 заболени здравствени работници во текот на епидемијата, од кои 248 се оздравени.