Петар Колев: Образованието и здравството мора да бидат најважни теми во Македонија!

Граѓанско демократската унија (ГДУ) во изборната кампања на Парламентарните избори 2020 го привлече вниманието со предлогот дека на Македонија не ѝ се потребни 120 пратеници. Претседателот на партијата, Петар Колев, ја промовира идејата нивниот број да се намали на 90, дури и на 60 пратеници во следна фаза на рационализација на изборните функционери.

Изборните промени за ГДУ се дел од поопсежни политички реформи, кои предвидуваат реорганизации и рационализации на именуваните функционери, како и на администрацијата. Односно, намалување на бројот на министри, на агенции, органи при Владата, но и на избрани советници во општинските совети и во Град Скопје.

Заштедите на платите, кои сега граѓаните и фирмите им ги обезбедуваат преку даноците, според  претседателот на ГДУ Колев ќе обезбедат финансии за капитални инвестиции. Со Колев разговараме кои новини во образованието, здравството и економијата треба да имаат приоритет кај новиот парламентарен состав и што тие, како партија ќе направат за да ја оправдаат довербата на граѓаните кои на изборното ливче ќе заокружат бројот 7.

 

 Се залагате и за „дебирократизација“ на образованието. Што подразбира тоа?

Колев: Приоритет е намалување на бројот на часови во основното и средното образование, како и намалување на бројот на ученици во една паралелка. Овие две промени се итни, затоа што ќе ја олеснат примената на мерките за заштита во училиштата и може да се создадат услови за децата побрзо да се вратат во училиштата. Многу важно е да се напомене дека овие промени нема да влијаат негативно на платата на наставникот. Напротив, според ГДУ, потребно е итно зголемување и на платите за наставниците на ниво повисоко од републичкиот просек. Уверени сме дека се неопходни неодложни промени во насока на автономија на наставниците во поглед на нивниот индивидуален пристап и реализација на наставата а обуките и усовршувањата да бидат адекватни на предметите и наставните програми кои ги предаваат.

Граѓанско Демократската Унија предлага и во министерствата да функционираат Научно Истражувачки Центри а потенцијалните производи од нив може да бидат сопственост на самото министерство или да бидат интелектуална сопственост на самите автори. Потребна е и подготовка на Национална Образовна Стратегија.

Мора да се запре со практиката при ребаланс на Буџетот на Македонија редовно да се крати кај образованието. Образованието треба да се модернизира и осовремени. Децата се иднината и за нив треба да обезбедиме и пари и услови да развиеме здрави и разумни индивидуи кои ќе бидат двигатели за развој на демократското општество и економијата во Македонија

 

Предлагате интересни промени во однос на здравствената заштита и осигурувањето. Дали реформите што ги предлагате може да ја подобрат здравствената заштита, па и секако да ги задржат докторите во Македонија?

Колев: Пандемијата го разурна секој оптимизам или идеализирање на македонското здравство. На инфективните одделенија очигледен е недостатокот на доктори специјалисти, како и сестри. Последица, пред сѐ, поради високата стапка на иселување од Македонија токму кај оваа професија. Затоа од ГДУ предлагаме реформи кои треба да го ресетираат системот со кој денес живееме и кој веќе не произведува добробит за граѓанинот. Во однос на здравствените реформи предлагаме Фондот за Здравствено Осигурување навистина да стане сервис во интерес на осигурениците и пациентите и со него да се управува со редовен надзор од страна на соодветни органи. Предлагаме воспоставување на систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурување. Вториот пакет е незадолжителен и во него доплаќа само оној кој сака дополнителни здравствени услуги. Услугите од двата пакета на пациентот ќе му бидат достапни и во јавните и во приватните здравствени институции според системот на референтни цени за здравствените услуги.

Цениме дека под итно се потребни инвестиции во регионалните болници во Велес, Штип,  Битола и Прилеп за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.

Една од приоритетните теми за ГДУ е и економијата, но интересно е дека приоритет давате на мерки кои директно треба да го подобрат животниот стандард на граѓаните, како што се пониско ДДВ, намалување на даноци и слично. Објаснете ги попрецизно измените за кои се залагате и како тие ќе влијаат и врз државниот Буџет и врз животниот стандард?

Колев: Приоритет за ГДУ се малите, средните и семејните бизниси. На нив гледаме како чинители кои може да ја турнат македонската економија напред. Во земјава има повеќе од 75.900 деловни субјекти и повеќето вработуваат од едно до девет лица. Поради кризата се соочуваат со ликвидност и за нас, оправдано е владината поддршка и мерките да бидат насочени кон нив. Македонија се врти во кругот на енормно зголемување на јавниот долг, континуирано креира сѐ поголем буџет а околу 40% од популацијата живее под прагот на сиромаштијата. Затоа предлагаме намалување на стапката на ДДВ од 18% на не повеќе од 12% и Владата да се откаже од висината на акцизата за некои стоки. Предлагаме намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси, како и разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси кои се товар за граѓаните. Овие измени ќе одат паралелно со реформи за рационализација на Владата, односно намалување на бројот на министри и органи во состав на Владата. Во моментов имаме 16 министерства, дури 23 министри и 43 т.н. органи во состав.

Ќе се залагаме и за формирање на фискален совет, како и распределбата на приходите од персоналниот данок да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет и локалните власти. Како и воведување на законски ограничувања со кои владата нема да може да ја избегунува реализацијата на капиталните инвестиции.

 

Чекор во чекор со економските предлози одите и со еколошки проекти. На кои активности за почиста животна средина давате приоритет?

Колев: Кога зборуваме за загадувањето на животната средина и опасноста по здравјето на луѓето, секоја година ги имаме истите жаришта – Скопје, Велес, Битола, Тетово и Пробиштип. Иако ситуацијата и во останатите градови не е подобра. Но, црните точки на картата на Македонија се континуирано исти а сите мерки се сведуваат на кампањи кои немаат резултат. Наш предлог е природните води, шумите и почвата да се прогласат за национално богатство и нивното загадување да подложи на ригорозни казнени санкции. Новиот Парламент и Влада да применат т.н. „зелена транзиција“, односно да запрат со нови рудници за јаглен за РЕК Битола и да формираат Фонд за поддршка на транзицијата. Како и измени во законодавството за сопствениците на индивидуалните и колективните станбени објекти да имаат целосно право да располагаат со енергијата добиена од соларните панели според принципот – колку добил, толку користел.

Со програмата го ставате граѓанинот на прво место, пред естаблишментот и неговиот егоизам. Зошто граѓаните треба да ви веруваат дека се заложите да ги реализирате кога ќе влезете во парламентот?

Колев: Одговорот е едноставен. За ГДУ поединецот е суверен и неприкосновен а естаблишментот навистина е моќен, но е минлив и нема прво лице еднина. Македонија за нас е земја на слободни луѓе во кој секој еден чувствува предизвик да се унапредува и себе си и заедницата. Македонија во која секој ќе сака да остане дома. Ние ќе се заложиме за промени и реформи за на власта и остане помалку моќ а да растат правата на поединецот. Нефункционалноста на постојниот систем неповратно ја поткопа довербата на граѓаните во системот и тој престана да биде од полза.

Сме група ентузијасти кои одбираме да живееме и креираме во Македонија. Веруваме дека овие избори ќе покажат дека не сме сами во ГДУ, туку дека секој што сака да живее дома, во држава која го вреднува и цени поединецот, му дава услови да се школува и да се вработи, му овозможува да се надградува и се разбира да создаде семејство кое удобно ќе живее, дека ќе гласаат за нас и со тоа ќе пратат порака до чудовишните партии дека има трета опција, уште еден избор.