Петир: Чувајте го највредното нешто на што сте горди – вашето име и идентитет (ВИДЕО)

Од самиот почеток на мојата работа во Европскиот парламент, секогаш сум се заложувала за тоа Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ и НАТО затоа што Македонија припаѓа на европското семејство, истакнува во пораката хрватската европратеничка Маријана Петир.

„На Македонија со години ѝ се нанесуваат бројни неправди една по друга, што ја оставаше пред затворени врати на евроатланските интеграции. Инсистирав на земјата која е подготвена да влезе во ЕУ да ѝ започнат преговорите, а отворените прашања со Грција да се решаваат во текот на преговорите. Сметав тогаш, а и денес сметам, дека ЕУ не се однесува чесно и објективно со Република Македонија и дека ја губи својата веродостојност што дозволува билатерални проблеми да стојат како препрека на патот“, вели Петир во своето видео обраќање.

Петир говори и за преговорите кои македонската влада ги води со Грција којашто, како што вели, „на подаден прст сака да земе цела рака“.

„Ја споделувам загриженоста со македонскиот народ поради најавите за промена на името на државата и губењето на идентитетот на кој македонскиот народ е многу горд. Верувам дека таа моја загриженост им пречи и на оние кои доведоа до неа, па овие денови сум известена дека новата македонска Владаформира нова група на пријатели во ЕП, со нов претседател на чело. Иако оваа одлука е во целост политичка, се надевам дека оваа група, во својата работа ќе се води од добробитот на македонскиот народ, а македонскиот народ во мене и натаму ќе има верна и посветена пријателка која и натаму ќе води грижа“, истакнува европратеничката.

Вели дека најголемо признание за нејзиното пријателство со нашата земја не е само наградата за македонско пријателство која и беше доделена во Вашингтон од страна на македонската дијаспора, туку и секојдневните пораки за поддршка кои ги добива од граѓаните на Македонија.

„Драги Македонки и Македонци, со вас сум и натаму во вашите борби, вашиот идентитет е дел од вас, македонската култура и традиција се непроценлив дел од Европа. На овој начин сакам да ве охрабрам да го чувате највредното што го имате. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме во целта и ќе ја видиме Македонија како полноправна и горда членка на ЕУ“, истакнува Петир.