Маријана Петир, европарламентарка од Хрватска и основачка и шефица на групата „Пријатели на Македонија во Европски парламент“, во интервју за хрватскиот портал „Народ.хр“ ја искритикува Европска унија за оставањето на Македонија на милост и немилост на Грција, објави Експрес.мк
„Пред сè, сметам дека Република Македонија никогаш не требаше да биде доведена во ваква ситуација и ЕУ тука има свој дел од одговорноста, бидејќи по прашањето на Македонија ги покажа сопствената неверодостојност и двојните стандарди и буквално и препушти на Грција да се изживува врз Македонија. Македонија одамна беше подготвена за отворање на преговори, а преговори сè уште не се отворени. Уште повеќе, Македонија беше поподготвена за влез во ЕУ отколку што беа некои земји кога влегуваа во Унијата, сите извештаи за напредокот одново и одново покажуваа напредок, а Македонија и денес е во чекалницата.
Сметам дека токму ова одолговлекување доведе и до политичката криза во земјата со која се соочувавме во минатиот период, а масло на огнот додаде повторното отворање на преговорите за името на државата. Сметам дека Грција треба да ја признае и да ја прифати Македонија под нејзиното уставно име, наместо една суверена земја да уценува друга суверена земја. Со оглед на тоа дека социјалисти се на власт и во Македонија, и во Грција, решија повторно да почнат преговори околу името, што задира во најдлабокото прашање на идентитетот на државата и на народот.
Сега се соочуваме со тоа дека грчкиот народ протестира, бидејќи не само што не прифаќаат Македонија да се вика Македонија, туку не сакаат во името на државата да се спомнува каков било збор кој во својот корен го има зборот ‘Македонија’ во кој било облик, како и сакаат друга суверена држава да ја присилат да го смени својот Устав, што го сметам за недопустливо.
Секој народ има право на самоопределување – тоа е универзално и темелно право, а грчките постапки се косат со тоа темелно начело на меѓународното право и на вредностите на кои почива Европска унија. На 7 април 1993 година е донесена Резолуција 817 на ОН во која стои дека Македонија како земја-кандидатка ќе биде примена во ОН и оти внатре во ОН ќе се користи привремената референца (не име, туку референца) Бивша Југословенска Република Македонија додека во дијалогот со Грција не се пронајде меѓусебно прифатливо решение. Уверена сум дека, ако Грција се задржеше во опфатот на Резолуцијата, ние денеска немаше да разговараме за ова, туку Македонија веќе би била полноправна членка на ЕУ и на НАТО-сојузот. Но, Грција го прошири својот ‘интерес’ на подрачјето на идентитетот, културата, јазикот и не ја пушта Македонија напред… Ја имаме и државата Луксембург, и истоимениот регион во Белгија, а тука никој не ги поистоветува двете подрачја со исто име“, констатира Петир.
Потсетувајќи на низата отстапки што ги направи Македонија, како и на пресудата од Хаг, додека Грција постојано ја крши Привремената спогодба, која ја нема ни ратификувано во Парламентот, пратеничката во Европски парламент заклучува дека „јасно може да се види дека Грците не сакаат договор, туку сакаат на една современа и демократска држава да ѝ го одземат нејзиниот идентитет“, плашејќи се дека „ако продолжат притисоците врз Македонија, ќе дојде до дестабилизација на целиот регион“.
Во врска со грчките обвинувања за иредентизам, Петир вели дека „тоа, едноставно, нема смисла“ – „па Македонија по површина е пет пати помала од Грција – како би се осудила да има територијални претензии со такви размери“. Од друга страна, таа посочува на радикални политички партии и идеологии во Грција, „која досега не се држеше до никаков договор, па оттаму не можам а да не прашам што би сакала Грција понатаму кога евентуално би се променило името, бидејќи не верувам дека на Грција тоа би ѝ било доволно“.
Конечно, Петир смета дека ниту една влада или партија не може самостојно да донесе една толку голема одлука каква што е промената на името.
„Македонија и македонскиот народ се на прво место. Народот треба да каже дали ја прифаќа оваа уцена или не и одлуката на народот треба да се почитува, не само од македонската Влада, туку и од ЕУ и НАТО“, вели таа и додава: „Прашање е дали народот воопшто сака референдум, бидејќи мораме да знаеме дека народот е огорчен. Народот е разочаран и во сопствените политичари, и во Европа, која не му помогна, туку стои покрај Грција. Народот не верува никому и се плаши од веродостојноста на самиот референдум, па поради тоа е оправдан стравот дека голем број граѓани нема да излезат на референдум токму од разочараноста од системот и од третманот што го добивале досега, но и недовербата во вистинско решение на овој речиси тридецениски спор. А дури тогаш ќе имаме проблем – ако малцинството реши за нешто толку важно“, заклучува хрватската европарламентарка Маријана Петир, која доцна синоќа од Обединета македонска дијаспора требаше да ја прими наградата „македонско пријателство“.