Петков: Ништо во пристапниот процес да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија

„Бугарскиот парламент денеска донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Македонија во Европската Унија“, напиша премиерот на Бугарија во оставка Кирил Петков, на фејсбук профилот.

-Интеграцијата на Западен Балкан е од стратешки интерес за Европската унија, наведува Петков во објавата по изгласниот документ во Народното собрание на Бугарија, со кој се одобрува францускиот предлог за Северна Македонија.

Според усвоената одлука, Парламентот ѝ дава право на владата во оставка на Петков да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Македонија, ако се исполнети неколку услови.

-Ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија, и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето, се условите што ги поставува Софија.