Петкова: Сите вработени во градинките заслужуваат еднакво покачување на платите – власта да го поддржи амандманот на ВМРО-ДПМНЕ

Ветуваа живот за сите, а донесоа само пустош и сиромаштија.Владата на СДСМ и ДУИ продолжува со игнорантскиот и потценувачки однос кон вработените во градинките и упорно си тера селективна и дискриминаторска политика на штета на сите граѓани. Во услови кога цените на огромен број на основни производи и речиси на сите услуги вртоглаво растат, власта се расфрла со народните пари за луксузирање, нов мебел и нови возила, патувања и многу непродуктивни трошења, а одбива линеарно да ја покачи платата на сите вработени во градинките, изјави денеска за медиумите Ангелинка Петкова, пратеничка на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа потенцираше дека токму затоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесува амандман на Законот за заштита на деца со кој се бара итно зголемување на бодот на платите за сите вработени во градинките за 18,5% со што ќе се изврши усогласување на платите со порастот на минималната плата.

– Нашата цел е подобро и правично законско решение кое ќе важи за сите подеднакво, без исклучок. Нашиот амандман има за цел да ја исправи неправдата која што владата предводена од СДСМ и ДУИ постојано им ја нанесува на вработените во градинките. Власта мора да разбере дека сите вработени во градинките заслужуваат повисоки плати, бидејќи сите вработени претставуваат столб и се носители на образовниот процес на децата. Таму нема помалку или повеќе важни, таму сите се важни за иднината на нашите деца. Токму затоа, сите вработени во градинките заслужуваат еднакво покачување на платите. Како пратеници од ВМРО – ДПМНЕ нема да дозволиме власта да си поигрува со квалитетот на образовниот процес на најмладите и нема да отстапиме од нашата цел и борба за подобри услови и поголеми плати за сите вработени во градинките. Игнорирајќи ги барањата на вработените во градинките, власта индиректно удира и прави ненадоместлива штета врз децата и квалитетот на нивниот развој и образование. Тоа е недозволиво и мора веднаш да престане, појасни Петкова.

Пратеничката ги повикува луѓето од власта, но и колегите пратеници од мнозинството, да го поддржат нивниот амандман и да покажат дека навистина и искрено сакаат подобар живот за сите, а не само за одредена група на луѓе која гравитира околу врхушката на власт.