Петмината уапсени членови на криминалната група од Грчец добија триесетдневен притвор

Судот го прифатил предлогот и им определил притвор и на преостанатите 10 лица опфатени со истрагата, а кои во моментов не се достапни на органите на прогонот.
За исходот на полициската акција во Грчец вчера попладне, по нејзиното завршување, на прес-конференција информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека станува збор за една од можеби најзначајните истраги која финиширала со целосно разбивање на криминалните групи кои повеќе од 30 години дејствувале на територијата на главниот град на државата

На пет од шестемина уапсени во вчерашната акција на Министерството за внатрешни работи, во која е разбиена криминална група од скопското село Грчец, Основниот кривичен суд Скопје им одредил 30-дневен притвор, соопштија денеска од Судот.

На еден од осомничените, пак, му се определени мерки за претпазливост, односно одземен му е пасошот и одредена му е забрана да го напушта живеалиштето, со обврска да се пријавува во суд.

Осомничените, како што информираат од Кривичен, во Судот биле спроведени во текот на измината ноќ и биле изведени пред судии на претходна постапка кои одлучувале по предлозите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство.

„Прифатен е предлогот на ОЈО за организиран криминал и корупција и на Ш.Б., Ф.Б., Н.И., Ф.С., и С.А. им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека за О.П. го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост, односно одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, забрана за напуштање живеалиште односно престојувалиште и обврска за јавување во суд“, се наведува во соопштението на скопскиот Основен кривичен суд.

Воедно, додаваат оттаму, Судот го прифатил предлогот и им определил притвор и на останатите 10 лица опфатени со истрагата, а кои во моментов не се достапни на органите на прогонот.

Притворот што им е определен ќе почне да се извршува откако ќе бидат пронајдени и лишени од слобода.
„Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд“, додаваат од Кривичен.

Инаку, за исходот на полициската акција во Грчец вчера попладне, по нејзиното завршување на прес-конференција, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека станува збор за една од можеби најзначајните истраги која финиширала со целосно разбивање на криминалните групи кои повеќе од 30 години дејствувале на територијата на главниот град на државата.

Според Спасовски, 16-те лица опфатени во истрагата се осомничени за трговија со дрога, убиства и обиди за убиства, а едно од нив во рамките на акцијата е уапсено во Шпанија.

Сите, како што информираше министерот, биле членови на меѓународна организирана криминална група, која ја предводел Ш.М. од селото Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К. во периодот од декември 2019 до март 2021 година, за што, како што рече, се обезбедени докази.

Во овој период групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин од Бразил во земјава.

„Транспорт на 435 килограми наркотична дрога-кокаин набавен од групата во Бразил, Јужна Америка и транспортиран по воден пат до пристаништето до Антверпен, Кралството Белгија, која количина е запленета од страна на царинските службеници во Антверпен, при што дел од наведената количина требало да заврши на нелегалниот пазар во Република Северна Македонија. Транспорт на 106 килограми наркотична дрога-кокаин кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија, а по пристигнувањето во пристаништето во Ротердам дел требало да биде пренесен во Република Северна Македонија“, рече вчера Спасовски на прес-конференцијата.

Криминалната група, според Спасовски, била формирана за вршење убиства од одмазда и по порачка од користољубие. Организаторите, рече министерот, правеле планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминална група. Организираната криминална група дејствувала на меѓународно ниво, организирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји, пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава.

При претресите во рамките на акцијата, според Спасовски, била запленета голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.

Во однос на лицата кои се надвор од земјава и не им се достапни на македонските власти, министерот кажа дека во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал се издадени потерници, а ќе се преземат и координативни мерки со поддршка на Европол за нивно апсење.

„Знаеме каде се лицата кои подолго време престојуваат надвор од земјава. Имаме детална соработка со Европол, продолжуваме понатаму со активностите“, рече Спасовски.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот вчера изјави дека истражните органи имаат податоци за лица од институции во државава кои биле соработници во криминалните активности и пренесувале информации.

„Ќе бидете сведоци во наредниот период за нови активности, а некогаш ќе бидете и зачудени за имињата, меѓутоа правдата мора да го стигне секој еден. Има инволвирани во многу институции и во МВР и во други агенции, во други министерства, судови, јавни обвинителства. Кои се тие што во одреден момент самите викаа ‘д’рж те го крадецот’, а во суштина биле исти“, рече Спасовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.