Петнаесет мртви во напад на стриптиз бар во Мексико

Во вооружен напад во стриптиз бар во централната сојузна мексиканска држава Гуанахуата, убиени се најмалку 15 луѓе а други четворица се ранети, соопшти во саботата тамошното државно обвинителство.

„Петнаесет луѓе ги загубија животите“, изјавил за агенцијата AFP Хуан Хозе Мартинез, портпарол на обинителство на споменатата сојузна држава.

Според информациите, неколку вооружени лица дошле ноќта кон саботата по локално време пред барот „La Playa“ во градот Саламанка и отвориле оган врз гостите и персоналот, по што побегнале, додал Мартинез. Рекол и дека засега не се познати причините за крвопролевањето.

Вооружениот напад се одиграл само неколку дена откако во државата Гуанахуата започнала голема полициска операција против моќна криминална група која е специјализирана за кражба на горива, иако засега не утврдена нејзина поврзаност со крвопролевањето. На почетокот од февруари токму во Саламанка пред тамошната рафинерија беше оставен автомобил со лажна бомба.

Мексиканскиот претседател Лопез Обрадор, кој должноста ја презема на 1-ви декември, покрена голема операција против организираните кражби на горива, поради кои државната нафтена компанија „Pamex“ претрпе штета од околу три милијарди американски долари и кои поттикнуваат бројни насилни инциденти.

Мексикот во текот на минатата 2018 година забележа рекордна стапка на насилство со 33.341 убиство, 15 отсто повеќе од претходната 2017-та, главно поврзани со пресметките на нарко картелите меѓу себе и со полицијата и војската, што е најголем број од водењето на ваквата статистика од 1997 година.