Младиот играч од средниот ред на шпанскиот прволигаш Мајорка, Лука Ромеро кого уште го нарекуваат „мексиканскиот Меси“, во средата вечерта стана најмладиот играч во историјата кој одиграл првенствен натпревар во елитната класа Ла Лига со 15 години, седум месеци и шест дена.
Во дебито какво што само може да се посакува – против Реал Мадрид, Ромеро влезе во игра во 84 минута на местото од Идриз Баба.
Со наполнети 15 години и 230 дена Ромеро го собори рекордот кој претходно му припаѓаше на Франциско Бао Родригез „Сансон“ и тоа повеќе од 80 години, кој своето деби го имал во Ла Лига во дресот на Селта Виго на 31-ви декември 1939 година со навршени 15 години и 255 дена.
„Тој е левучар, брз е, паметен, разигран, конкурентен. Тоа е прототипот на аргентинската десетка. Го забележавме кога имаше 12 години, но не сакавме да го турнеме прерано, бидејќи за него треба да се води грижа“, изјави помошниот тренер на Мајорка, Дани Пендин.
„Го гледавме како игра, правеше неверојатни работи со топката за своја возраст, но физички не беше потполно нараснат и можеше да има проблеми доколку почне да игра со играчите од првата лига прерано. Денес кога го гледам, кога ќе ги видам неговите стапала, неговото тело, гледам дека почнал да се формира. А фактот дека татко му е фудбалер, многу му помага“, заклучува Пендин.
Роден на 18-ти ноември 2004 година во Дуранго во Мексико, Лука Ромеро има три државјанства – мексиканско, аргентинско и шпанско. Мексиканското благодарејќи на татко му кој бил професионален фудбалер во Мексико, аргентинското благодарејќи на националноста на неговите родители и шпанското бидејќи во Шпанија стасал многу рано во 2007 година.
Одиграл еден натпревар со аргентинската млада репрезентација до 17 години, со којашто требаше да учествува на турнирот во Франција. Ромеро започнал да игра Фудбал во Сант Жорди, во близина на Ибица, каде што го забележале луѓе од Мајорка на којашто ѝ се приклучил во 2015 година на десетгодишна возраст.