Петрески крпел асфалтни дупки без тендери, а со мито си го доизградил станот

Александар Петрески, поранешниот градоначалник на Охрид, осум години доставувал лажни фалсификувани годишни сметки за да прикаже дека градот не бил во загуба.

Петрески исто така оштетил 86 доверители откако сметководството на општината не ги евидентирало и не ги прокнижило нивните побарувања. Ова е само дел од кривичната пријава, напишана на повеќе од 300 страници, во која детално е објаснет криминалот на криминалната група, кои незаконски си исплатиле околу 30 милиони евра како наплата на долгови од Општината, иако сметката била блокирана, и ги повластиле во однос на другите доверители. Освен тоа, со криминални зделки го оштетиле буџетот за 800.000 евра, а незаконски се збогатиле за над 2,4 милиона евра. Со малверзациите осомничените легализирале имот и испрале пари во вредност од над 260.000 евра, пишува Дневник.

Според кривичната пријава, Петрески како градоначалник располагал и со парите на Општина Охрид, иако знаел дека од април 2005 година банкарската сметка на Општината била блокирана и не можела да си ги наплати обврските. Но и покрај тоа, Петрески од април 2005 година до април 2013 година пренасочил дел од побарувањата со вкупно 1.926 договори за цесии, компензации и асигнации и извршил исплата во вкупна вредност од 1.765.590.971 денари или околу 29 милиони евра.

На овој начин, градоначалникот ги оштетил доверителите и со тоа ја блокирал сметката на општината за 724.055.213 денари или за околу 12 милиони евра.

За да прикаже дека Охрид нема долгови, Петрески им издавал наредби на вработените побарувањата на 86 доверителите да не ги евидентираат во сметководството, со што ги оштетил доверителите за вкупно 853.354.057 денари, поради што не можеле да си ги наплатат побарувањата.

Исто така, истрагата утврдила дека Петрески лажно изготвил и потпишал завршни сметки за осум години, односно од 2005 до 2012 година и ги поднел до Централниот регистар, до Државниот завод за ревизија и до Министерството за финансии – сектор трезор.

Со лажните податоци сакал да прикаже дека општината Охрид имала мала задолженост.

Петрески како организатор на криминалната група, со своите блиски соработници на штета на буџетот на Општината, склучил 12 договори за јавни набавки иако обврските за распишаните набавки никогаш не биле извршени. Во овие услуги, кои никогаш не биле завршени, биле вклучени и пријавените Зоран Шикалоски, раководител на одделението за сообраќај и патишта во Општина Охрид, Емин Селман, раководител на одделението за комунални дејности, Гоце Симоновски, раководител на секторот за туризам и локален економски развој.

Најголем број од злоупотребите поврзани со јавните набавки биле поврзани со друштвото „Ина трејд Лоте“, чиј основач и управител е пријавениот Јован Лотески.

Истрагата утврдила и дека Петрески ја злоупотребил службата и со крпење дупки на улиците во Охрид. Градоначалникот од 2005 до 2007 година извршил јавна набавка за крпење ударни дупки со асфалт од 19.940.785 денари. Петрески, спротивно на Законот за јавните набавки, не објавил јавен оглас за доделување договори за јавни набавки и со Сузана Паунковска потпишале штетен договор и за асфалтирање ја одбрале градежната фирма „Ив стил градба“ од Охрид.

Меѓу другите кривични дела на криминалната група на Петрески се набројуваат и криминалот со штетни договори за набавка и вградување улични рабници, набавка на услуги за превоз, набавка за хоризонтална сигнализација, кои исто така не биле предвидени со договор за јавна набавка, за перење пари, за фиктивни презентации на саеми.

Наместо пари, зел градежен материјал за да си го догради станот

Петрески побарал и зел 12.000 евра поткуп во компензација со градежни материјали за да си ги доизгради станот и поткровјето на улицата Славеј Планина, број 48 во Охрид.

Истрагата утврдила дека Петрески од М.П., сопственик на „Митан пром“ од Охрид побарал и зел поткуп од 10.000 евра, а од K.П.- управител на „Ду-Ел-Ма“ Охрид – зел 2.000 евра со цел да не изготви нова Одлука за зголемување на износот на јавната набавка за која имал договор со „Митан пром“ за изработка на градежни работи. Петрески не спровел постапка за преговарање без претходно објавување оглас, ниту изготвил известување за склучен договор и во 2008 и 2009 година по што „Митан пром“ преку Б.М. – управител на ТД „Вегор“ од Скопје, K.П.- управител на „Ду-Ел-Ма“ Охрид и K.Т. – управител на „Таиба“ од Охрид му ги доградила станот и поткровјето без да изврши плаќање за извршени работи за извршена надградба на кат и поткровје, пишува Дневник.