Петрова со реакција на изјавите на Манолева: Бесими ако сакал досега можел да ги потпише документите за вработувањата

Дополнителниот заменик министер во Министерството за финансии, Елена Петрова реагира на прес-конференцијата на заменик министерот за здравство Маја Манолева.

Петрова истакнува дека по барање на министерот за финансии Фатмир Бесими поднесено на ден 09.02. 2024 година, Државната изборна комисија на ден 10.02.2024 година донесе одлука (која ја добиле денес 12.02.2024 година) со која утврди дека предметите и актите кои биле доставени до неа како Дополнителен заменик министер за финансии, а се однесуваат на унапредувања и вработувања, не претставуваат акти или документи кои се однесуваaт на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организацијата на изборите, од член 46 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија. Оваа одлука е конечна.

-Јас како дополнителен заменик министер за финансии не се согласувам со Одлуката и истата ќе ја оспориме пред надлежниот суд. Одлуката не е донесена едногласно односно е донесена со мнозинство од страна на членовите на Државната изборна комисија, а во прилог на образложението е доставено издвоено мислење од Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски и членот Бобан Стојаноски за несогласување со донесената одлука, истакнува Петрова.

Посочува дека донесената одлука ќе ја почитува и на понатамошна ислучива надлежност и потпишување на министерот ќе ги достави сите акти и документи кои се однесуваат на:

1. Согласности за вработувања на неопределено време, определено време и по договори на дело за повеќе институции;
2. Согласности за унапредувања за повеќе институции;
3. Согласности за превземање на работници од повеќе институции;
4. Измена или склучување на нови колективни договори со кои се одлучува за права од работен однос од повеќе институции;

Таа потенцира дека од увидот во документите заклучила дека определен дел од истите се доставени до министерот за финансии во месеците декември и јануари односно многу порано пред формирањето на преодната влада и истиот доколку сакал имал доволен период да ги реши овие прашања.

-Сметам дека е непринципиелен и нефер овој однос кон овие институции односно лица да не им се издаваат бараните согласности во периодот пред формирањето на преодната влада, кога министерот имал реална можност да го направи истото. Доколку имал искрена намера до сега ќе им бил решен статусот, меѓутоа очигледно е дека не постоела волја туку само обид за затскривање и барање алиби со тактизирање и чекање на стапување на функција на дополнителниот заменик министер за финансии. Истото се однесува и со склучување на нови колективни договори или давањето на согласности за анекси на колективни договори со кои се регулираат правата од работен однос на вработените од јавниот сектор. Јас како дополнителен заменик министер не сум била пречка за остварување на правата на овие лица туку напротив барав да го усогласиме нашето постапување согласно законските одредби кои се применуваат во овој предизборен период. За истото побарав мислење и од надлежната Државна комисија за спречување на корупција но сеуште немам добиено никако одговор. Воедно истакнувам дека се оградувам од секаква одговорност при преземањето на било какви дејствија од страна на министерот за финансии во однос на наведените предмети, нагласува Петрова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.