Петроваска: Министерот за внатрешни работи не може со телеграма да го суспендира правниот акт донесен од Владата

31

Согласно член 41 од Законот за организација и работа на органите на државната управа надзорот над работата на министерствата го врши Владата и затоа важечки правен акт донесен во законска процедура од страна на Владата не смее и не може да не се почитува и истиот да биде суспендиран со телеграма на министерот, пишува во телеграмата која денеска ја испрати дополнителниот заменик на министерот за внатрешни работи Славјанка Петровска до сите организациони единици во Министерството за внатрешни работи.

Како што соопшти МВР, информацијата на Петровска е во врска со телеграмата од вчера, доставена од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев до раководителите на сите организациски единици во МВР, во која УКАЖУВА дека Одлуката за поништување на решенија за распоредување на работно место на Владата на Република Северна Македонија е објавена во Службен весник на Република Северна Македонија и истата е во СИЛА поради што должност на вработените во Министерството е безусловно да ја почитуваат и спроведуваат.

– Укажувам на неопходноста од целосно почитување на донесената Одлука на Владата која е во сила, се вели во телеграмата на дополнителниот заменик на министерот Петровска.

Појаснува дека дека министерот за внатрешни работи како незадоволна страна може да поведе постапка согласно утврдени процедури пред институциите на системот, но и дека наредбата на министерот е спротивна на законот и владеење на правото и претставува поттикнување во вршење кривично дело.

-Ги охрабрувам вработените во Министерството да го задржат својот професионален и личен интегритет и да се спротивстават на секој обид кој води до беззаконие и нарушување на системот на владеење на правото, се вели во телеграмата на Петровска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.