Петровска: МЕПСО неправилно одложува отпад, а малите електрани на Пена може да ја загадат водата за пиење

Вкупно 12 решенија за отстранување недостатоци на различни инсталации издаде Државниот инспекторат за животната средина, по извршени 68 редовни инспекциски надзори од 1 до 17 ноември. Утврдено е несоодветно постапување со отпадни материи во компанијата МЕПСО, но и можност за загадување на водите во Тетово поради хидроелектрични централи на Пена.

Како што посочи на денешната прес-конференција в.д. директорката на ДИЖС, Ана Петровска, периодов е интензивен за вршење вонредни мерења, а доколку по наредниот контролен преглед се утврди дека не се корегирани недостатоците, ќе постапат со казна.

В.д. директорката информира дека во период од 1 до 17 ноември извршиле 68 редовни инспекциски надзори, вонредни надзори на 25 инсталации, и издале вкупно 12 решенија за отстранување недостатоци за различни инсталации. Вонредните надзори се зголемени три пати, споредено со просечните бројки за 2020 година, иако работат со мал број инспектори, дополнително намален во Скопје поради ковидот.

Во компанијата МЕПСО е утврдено дека на несоодветен начин се постапува со отпадни материи, а некаде е утврдено истекување на отпадно масло.

Петровска информира дека концесијата која е издадена од Министерството за економија во Коњари  има пропусти.

– Ние се обраќаме сега до Министертството за економија да се отстранат пропустите бидејќи имаме реакции од граѓаните кои живеат во овие села и се засегнати од промена на речното корито –  рече директорката.

Таа посочи дека пред еден ден ја посетиле и Шар Планина, поточно активностите за градба на малите хидроелектрични централи на Пена и утврдиле дека на онаа која што е најнапредната со градба, а е лоцирана највисоко во планината на Пена, има потенцијална можност за загадување на водите за водоснабдување на градот Тетово, бидејќи во непосредна близина на каптажата се започнати градбите.

Петровска рече дека внел нова динамика и поинаков начин на организирање.

– Ги распределивме предметите помеѓу инспекторите заради поголема објективност, а во Скопје, како најзагаден град ангажиравме инспектори и од други градови. Редовните надзори ги надополнуваме со итно постапување по пријави од граѓаните – рече Петровска.

Петровска појасни дека се утвредени недостатоци во некои А-интегрирани дозволи, елаборати за заштита на животната средина, дозволи за регулација на речно корито и за користење на водите и најави можна ревизија.

Во неколку ситуации таа рече дека имале добра соработка со инспекторатот на Градот Скопје се со цел да покријат што е можно повеќе инсталации од нивна и од надлежност на Градот, но појасни дека таа соработка треба да се продлабочи и Петровска очекува деновиве да ја формализираат таа соработка и да одат уште пошироко во детектирање на загадувањето во Скопје

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.