Петте кандидати за британски премиер ќе се соочат во тв-дебата

Петтемина кандидати за должноста британски премиер во петокот вечерта ќе се соочат во првата од трите предвидени телевизиски дебати, во надежи дека добриот настап ќе им ги зголеми шансите во изборната битка за челник на владејачката Конзервативна партија во којашто засега нема јасен фаворит.

Во досегашните два круга од гласањето меѓу конзервативните пратеници, бројот на кандидатите за наследник на Борис Џонсон се намали од единаесет на пет.

Иако во овие два први круга од изјаснувањето најмногу гласови дони поранешниот министер за финансии Риши Сунак, се очекува дека ќе има остра конкуренција во министерката за надворешни работи Лис Трас, која важи за миленичка на естаблишментот на конзервативците, и во државната секретарка за трговска политика Пени (Пенелопа Меди) Мордонт, којашто, исто така, ужива голема популарност меѓу конзервативното членство.

Во трката за лидерската и воедно премиерска позиција останаа и поранешната министерка за женски прашања и еднаквост Кеми (Олукеми Олуфунто) Баденох и претседателот на Надворешнополитичката комисија на парламентот, Том Тугендат.

Меѓутоа, кој и да победи во оваа трка ќе мора да се соочи со растечката инфлација, нискиот економски раст, како и големата недоверба на јавноста во политичарите по низата афери и скандали на Борис Џонсон.

Од друга страна, пак, според последните истражувања на јавното мнение владејачките конзервативци во моментов значително заостануваат зад опозициските лабуристи.

Риши Сунак, чијашто минатонеделната одлука да ја напушти владата предизвика серија оставки на повеќе од 50 министри и високи владини функционери, што резултираше со принудувањето на Џонсон да отстапи и покрај жестокиот отпор да се повлече од должноста, останува фаворит меѓу 358-те пратеници на Конзервативната партија. Но неговата предност пред Трас и Мордонт е многу мала и на двете им се даваат шанси да го минат.

Откако ќе завршат трите телевизиски соочувања, пратениците конзервативци во понеделник ќе продолжат со изјаснувањето и по секој круг ќе биде елиминиран кандидатот со најмалку гласови, додека не се добијат последните двајца.

Целата постапка треба да заврши до 21-ви јули, а новиот челник на ториевците ќе го изберат 200.000 членови на Конзервативната партија. Неговото име ќе биде објавено на 5-ти септември.