Петтиот пакет антикризни мерки на владата на пат да потфрли

Досегашните четири пакет мерки на владата беа ненавремени задоцнети и нефункционални, а реализацијата целосно потфрли. Најавуваниот петти пакет анткризни мерки на владата е само продолжение на поопулистичките мерки на владата од кои граѓаните не видоа многу корист. Сојузот на синдикатите на Македонија бара да се преземат сите напори со петтиот пакет мерки да им се помогне на работниците, претпријатијата и јавните служби да ја преживеат кризата. Наместо квантитет потребен е квалитет за реална помош на граѓаните.

-Сите мерки, треба да бидат насочени кон зачувување на работните места, а во меѓувреме да се заштитат од невработеност и загуба на приходи и да се ублажат финансиските загуби. Луѓето кои се болни, кои се грижат за семејството или не се во состојба да работат заради корона вирусот, не треба да страдаат финансиски, па поради тоа, од страна на Владата, потребно е да се обезбеди финансиска помош за сите, се вели во соопштението од најголемиот синдикат на земјава.

Нивните предлози се следниве:

Прво, Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите кои нема да можат да ги извршуваат деловните потфати заради вирусот или ќе ги извршуваат со значително намален обем, првенствено и исклучиво за обезбедување на средства за плата на работниците.

-ССМ бара субвенционирањето на плата како мерка да продолжи онаму каде што производството е намалено како што тоа е утврдено и со четвртиот пакет на мерки, но да се исплаќа директно на сметките на работниците што се покажа како повеќе од потребно поради повторната злоупотреба на средствата од финансиската поддршка за исплата на платите на работниците обезбедена од Владата, со оглед на тоа што и по 5ти пат, газди, оставија работници без никаква егзистенција, а за тоа земаа средства од Државата, децидни се синдикалците.

Дополнително, нагласуваат, еден од главните услови за добивање на финансиска поддршка да биде враќање на работниците кои биле испуштени од работа, а исто така и задолжително да биде по користењето на мерката работодавачите кои добиле финансиска поддршка за исплата на плати да ги задржат односно да нема отпуштање на работниците најмалку 3 месеци по завршување на мерката.

Второ, ССМ смета дека работниците кои користеа мерки како хронично болните, бремени жени, чување на дете до 10 години, треба да бидат исплатени во висина на нивната плата, без нејзино намалување, а истовремено да се води грижа и за мајките кои користеле породилно отсуство, а им престанал договорот за вработување по било кој основ и истите да имаат право на платено на породилно отсуство.

Трето, ССМ повторно предлага надоместокот на плата за отсуството од работа поради зараза од Ковид- 19, изолација и само изолација поради изложеност на Ковид- 19 да изнесува 100 отсто од основицата утврдена со закон.

Нагласуваме дека Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека во Правилникот за листа на професионалните болести како професионална болест треба да се смета заразата со Ковид- 19, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности и вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид- 19“, а Министерството за труд и социјална политика да предложи предлог Законско решение или предлог решение во Правилникот во најскоро време.

Четврто, насочување кон спроведување на јавни набавки од страна на државните органи, исклучиво од домашните компании кои не отпуштиле неосновано работници и не злоупотребиле од финансиската поддршка за исплата на платите.

Предлагаат еден од условите за обезбедување на финансиска поддршка и инвестиции од страна на Државата да биде синдикалното организирање во компанијата, за да можат и тие како претставници на работниците да гарантираат и да го контролираат користењето на средствата, покрај другото за плата и социјална сигурност на работниците.