Пилотите во изолација, во еден ден откажани речиси 1.200 летови во САД

Американските воздухопловни компании откажаа речиси 1.200 летови во неделата, бидејќи голем број пилоти и членови на екипажите се во изолација поради Covid-19.

Комерцијалните воздухопловни компзнии откажале 1.171 лет во, кон или од САД во неделата, покажуваат податоциге од веб-страницата FlightAware.com. Тоа е трет ден по ред со голем број откажани летови во САД, откако за Божик беа откажани 997 летови, а за Бадник речиси 700.

Божикните празници во САД се совпаднаа со растот на бројот на случаите на позаразната омикрон варијанта на коронавирусот, на којашто отпаѓаат три четвртини од сите случаи на коронаинфекции во земјата.

Поради омикрон сојот, од кој е помала шансата за хоспитализација отколку кај претходните соеви, бројот на случаите на зарази пораснал за 45 отсто на просечно 179.000 зарази дневно во САД, според пресметките на агенцијата Reuters.

Покрај зголемениот број заразени, поголемиот број пилоти и членови на воздухопловните екипажи во изолација, за откажување на летовите придонеле и лошите врменски услови во некои области на САД.

Портпаролот на компанијата „Delta“ изјави дека „зимските услови во делови од САД и омикрон сојот и натаму влијаат“ врз распоредот на летовите, додека портпаролот на „Southwest Airlines“ изјави дека сите нивни летови се откажани поради временските услови. Од „United Airlines“, пак, објавија дека морале да откажат стотици летови во неделата.

Најпогодени се аеродромите во Сиетл, Атланта, Лос Анџелес, аеродромот Далас-Форт Ворт и аеродромот „ЏФК“ во Њујорк.