Пингвини од Чиле и Аргентина го населија новото живеалиште во ЗОО Скопје

Во Зоолошката градина во Скопје официјално беше отворен „Заливот на пингвините“, со што ЗОО Скопје прв пат е дом на овие егзотични птици.

Се работи за пингвини кои живеат во топли краишта и потекнуваат од Чиле и Аргентина.

Во Зоолошката во моментов има девет пингвини, од кои дел пристигнале од Италија во декември 2020 година, а сега пристигнале и други шест пингвини од Москва, со што е комплетирана групата пингвини во ЗОО Скопје.

Војо и Маја, кои се грижат за пингвините од нивното доаѓање во ЗОО, посочуваат дека 90 години и повеќе колку што функционира Зоолошката градина, досега немало пингвини и немале искуство од кое можеле да научат, но заеднички како тим добро се вклопиле за да може да ги адаптираат овие животни овде.

Војо вели дека живеалиштето било прилично комплицирано затоа што од едната страна имало фламинга, а од другата страна пингвини, две тотално различни егзотични птици што треба да се адаптираат.

-Зоолошката градина е една магија, илузија, што треба да ја создадеме за да можете да мотивирате повеќе емпатија на животните и природата, кај самата публика да ја создаде за да може да ги сакаат и почитуваат повеќе животните – вели Војо.

Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180м2, подземен дел со филтри и пуми за вода, како и тераса од 120м2. Направен е и мал зелен кров за да се заштеди на електрична енергија.

Војо нагласува дека пингвините бараат многу нега на стапалата, бараат свежа риба, што е комплицирана варијанта, како што рече, бидејќи неколку пати на ден треба да се одмрзнува и да се средува таа риба.

-Природно живеат во Чиле и во Аргентина каде имаат често пати потреба од ветер и затоа направивме специјални вентилатори, што ќе ги палиме повремено за да можеме да ги разладиме пингвините. Но, прв пат имаме живеалиште кое филтрира вода и потоа истата ја употребува. Гледаме да го направиме најдоброто за животните – појаснува Војо.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.