Пирц Мусар првата претседателка во историјата на Словенија

Словенија во понеделникот ја доби својата прва претседателка во историјата, откако во вториот круг од претседателските избори Наташа Пирц Мусар го победи својот противкандидат Анже Логар.

Според неофицијалните резултати по преброените 90 отсто од гласачките ливчиња, Пирц Мусар освоила 53,91 отсто од гласовите, додека Логар освоил 46,09 отсто, при одѕив на гласачите од 50,58 отсто.

Логар во првиот круг од претседателските избори пред три седмици доби најмногу гласови. За него тогаш гласаа 33,95 отсто од избирачите, додека Пирц Мусар влезе во вториот круг како второпласирана со 26,88 отсто од гласовите.

„Искрена благодарност до сите кои излегоа на гласањето. Му честитам на Анже Логар, и му пожелувам многу среќа на неговиот натамошен пат. Пет месеци минувавме заедно, покажавме дека е можно да се комуницира со почит. Се надевам дека Логар ќе ја задржи таквата реторика. На Словенија ѝ се потребни такви луѓе, потребни ѝ се такви политичари“, рече меѓу другото новоизбраната претседателка во првото кусо обраќање пред нејзините поддржувачи.

Додаде дека „Словенците кажаа каква Словенија сакаат“, како дека ќе даде сѐ од себеси да биде претседател на сите и вети дека ќе се бори за демократијата.

Ова беа седмите претседателски избори во историјата на самостојна Словенија. Два петгодишни мандати претседател беше Милан Кучан, а по него по еден мандат шефови на државата беа Јанез Дрновшек и Данило Турк, а потоа два мандата Борут Пахор.