Писмо со поништена марка продадено за 430.000 евра

Старо писмо со поништена поштенска марка во саботата на наддавање во Германија е продадено за 430.000 евра.

Високата постигната цена се должи на тоа што станува збор за првите поштенски марки издадени во градот Либек во 1859 година.

Аукциската куќа Heinrich Koehler соопшти дека писмото било понудено на наддавање во Визбаден по почетна цена од 80.000 евра, како и дека новиот сопственик сакал да биде анонимен.

На истото наддавање за 320.000 евра е продадено и ткн „писмо од Баден“ од 1856 годинаи, кое порано му припаѓало на романскиот крал Карол Втори. Неговата почетна цена била 100.000 евра. Тој бегајќи од земјата во 1940 година ја понел со себе и својата збирка писма и поштенски марки.

„Дури и кога Карол Втори продавал делови од својата збирка за да ги плати животните трошоци, ова писмо останало во негова сопственост“, објави аукциската куќа.

По неговата смрт во април 1953 година во португалски Ешторил, писмото истата година е понудено на продажба, а на наддавање го купил понудувач кој и по саботната продажба остана анонимен, како и сегашниот сопственик.