Писонеро: Пред билатералниот потребен е уште еден објаснувачки скрининг за законодавството на ЕУ

Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека Северна Македонија ќе треба да помине уште една рунда објаснувачки скрининг за ЕУ во однос на законодавството усвоено по 2019 година, јави дописничката на МИА од Брисел.

Доколку биде одобрен францускиот предлог за преговарачката рамка од страна на Северна Македонија, земјата ќе треба прво да помине низ уште една рунда објаснувачки скрининг за сето ново законодавство, донесено од 2019 до сега, за сите поглавја.

-По објаснувачкиот скрининг ќе започне билатералниот, објасни Писонеро за МИА.

Северна Македонија и Албанија имаа средби за објаснувачки скрининг за законодавството од 2018 до 2019. Овие средби започнаа во септември 2018 и траеја помалку од една година. Целта на објаснувачкиот скрининг е тимот на Европската комисија да им го презентира законодавството на ЕУ, познато како „Аcquis communautaire“, на земјите кандидати кои се подготвуваат да започнат преговори. По објаснувачкиот, следува билатералниот скрининг, фаза во која земјата кандидат учествува активно, за разлика од објаснувачкиот, каде главната улога ја држи Европската комисија.

-Согласно заклучоците на Советот, Европската комисија го спроведе техничкото објаснување на ЕУ законодавството (Аcquis) помеѓу 2018 и 2019. Така што објаснувачкиот скрининг ќе се фокусира на новото законодавство на ЕУ, усвоено оттогаш. По ова ќе следува билатерален скрининг каде Комисијата ќе го разгледува, заедно со земјите соговорнички, оние области на ЕУ законодавството каде е потребен напредок, изјави Писонеро за МИА.

ЕУ законодавството постојано се зголемува со нови законски решенија и судски одлуки. Со оглед на тоа дека објаснувачки скрининг немало за Северна Македонија и Албанија од 2019, двете земји ќе треба ова да го поминат пред да бидат поканети на билатералниот скрининг.

Билатералниот скрининг би требало да трае околу две години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.